ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО КИНА !? По првиот човек на дипломатијата и двајца генерали, сега исчезна и министерот за одбрана: “Го нема веќе со недели…“

Додека во Русија влијателни луѓе кои му замеруваат на претседателот на државата мистериозно паѓаат од прозорци, во Кина моќните едноставно – исчезнуваат. 

Веќе вториот кинески министер исчезна од очите на јавноста без никакво објаснување од Комунистичката партија за тоа каде се наоѓа. Од јули, сите траги на разрешениот кинески министер за надворешни работи Чин Ганг се изгубени, а министерот за одбрана Ли Шангфу не е виден во јавноста речиси три недели.

Американската Влада верува дека Ли Шангфу е во домашен притвор, објави Financial Times, цитирајќи високи американски претставници. Минатата недела, Ли Шангфу во последен момент го откажа состанокот со виетнамските одбранбени претставници. Рам Емануел, американскиот амбасадор во Јапонија, вели дека Ли Шангфу не се појавил на планираниот состанок со командантот на морнарицата на Сингапур бидејќи бил ставен во домашен притвор.

Составот на кабинетот на претседателот Си Џинпинг сега наликува на Агата Кристи и тогаш немаше никој. Прво исчезна министерот за надворешни работи Чин Ганг, потоа командантите на ракетите, а сега министерот за одбрана Ли Шангфу. Кој ќе победи во оваа трка за невработеност ? Кинеската младина или кабинетот на Си Џинпинг ?” се прашува Рам Емануел.

Ли Шангфу последен пат беше виден на 29. август на кинеско-африканскиот форум за мир и безбедност во Пекинг. Неговото последно патување во странство беше во средината на август во Москва и Минск, каде што се состана со руски официјални претставници и белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Исчезнувањето на Ли Шангфу уследи по ненадејното разрешување на кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг и двајцата главни генерали на ракетните сили на Народно-Ослободителната Армија (ПЛАРФ). Двајцата поранешни генерали на ПЛАРФ, наводно, не се видени во јавноста со месеци. Претседателот на Воениот суд на Народно-Ослободителната Армија (ПЛА), Ченг Донгфанг, исто така беше сменет од својата функција. На таа позиција помина едвај осум месеци.

Мистеријата околу Ли Шангфу и другите исчезнати функционери ги поттикна шпекулациите за управувањето на Си Џинпинг со земјата. Кинескиот претседател Си Џинпинг се обидува да ја исчисти Комунистичката партија од корупција преку чистки и структурни реформи. Но, имајќи предвид дека тој дојде на чело на Кина пред повеќе од една деценија, Си Џинпинг не може да ги обвини своите претходници за корупција на високо ниво. Ова е можеби причината поради која нема информации за разрешување и исчезнување на високи функционери.

Од друга страна, поранешниот функционер на американскиот Стејт департментДру Томпсон, смета дека исчезнувањето на Ли Шангфу и Чин Ганг покажува дека Кина се повеќе се оддалечува од меѓународната заедница. 

Кина не чувствува обврска да ја информира меѓународната заедница како или зошто министрите си заминаа. Ова потврдува дека Кина се сврте навнатре“, изјавил Дру Томпсон за The Guardian.

Да потсетиме, во 2017 година Фанг Фенгхуи, тогашниот началник на Здружениот штаб на Народно-Oслободителната Армија, исчезна од очите на јавноста неколку месеци пред да биде исклучен од партијата, а две години подоцна беше осуден на доживотен затвор поради корупција.

КинаЛи Шангфуполитика