Нова варијанта на COVID-19, позната како NB.1.8.1, но неофицијално наречена „Nimbus“, ја следи Светската здравствена организација (СЗО), откако беше поврзана со пораст на инфекции во некои делови од светот.
Оваа варијанта за прв пат беше идентификувана кон крајот на јануари и е подваријанта на Омикрон, кој продолжи да покажува разни мутации од почетокот на пандемијата.
Во текот на пролетните месеци, Нимбус станува сè пораспространет во Европа, Северна Америка и регионот на Западниот Пацифик.
Според СЗО, оваа варијанта содржи мутации во протеинот „спик“, делот од вирусот што се врзува за човечките клетки за да навлезе во нив и да се размножи.
Овие промени можат да го направат вирусот попренослив и да ја намалат ефикасноста на некои антитела, како што се оние создадени по претходни инфекции или вакцинација.
И покрај ова, СЗО проценува дека вкупниот ризик за јавното здравје останува низок на глобално ниво.
Досега, нема докази дека Nimbus предизвикува потешки форми на болеста во споредба со другите циркулирачки варијанти.
Исто така, не е забележано зголемување на хоспитализациите или бројот на смртни случаи поврзани со оваа варијанта.
Инаку, симптомите поврзани со NB.1.8.1 се слични на оние кај другите варијанти на COVID-19 и вклучуваат: болно грло, кашлица, треска, замор, болки во мускулите, губење на вкус или мирис, тешкотии при дишење и повраќање.
Експертите велат дека иако оваа варијанта може делумно да го избегне имунолошкиот одговор, ова ниво на избегнување е слично на другите подваријанти на Омикрон, што значи дека сегашните вакцини и третмани како што е нирматрелвир остануваат ефикасни, особено во спречувањето на тешки форми на болеста.
Сепак, групите со најголем ризик – како што се постарите лица, оние со ослабен имунитет или хронични заболувања – треба да останат претпазливи и да ги ажурираат своите бустер дози за да ја одржат заштитата од инфекција и компликациите што може да ги предизвика.