Европската комисија (ЕК) денес треба да гo усвои пакетот за проширување со извештаите за напредокот на кандидатите за членство во Европската унија (ЕУ) за 2023 година. По нивното усвојување на седницата на Колеџот на комесари, извештаите за напредокот за секоја од земјите кандидати ќе бидат јавно презентирани од страна на ЕК.
Пакетот ги опфаќа шесте земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, потоа Грузија, Молдавија, Украина, како и Турција, која што се уште официјално има статус на држава кандидат за членство.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во пресерт на објавувањето на извештаите во понеделникот изјави дека очекува документот за земјава да биде објективен и во него да има признание за постигнатото, но и критика за сите слабости.
„Очекувам објективен извештај. Европската комисија обично е објективна во своите проценки. Мислам дека ќе има и пофалби во однос на постигнувањата, а се разбира ќе има и критики во однос на одредени слабости што ги има државата“, изјави Бујар Османи во одговор на новинарско прашање за тоа каков извештај очекува од ЕК.
Според него, државата прави напори да ги почне преговорите по поглавја за да може да ги адресира слабостите кои постојат.
„Ние сите сме свесни дека државата денес не е спремна за членство во ЕУ, но е спремна за отворање на поглавјата за да ги адресира токму тие слабости коишто очекувам да ги констатира ЕК во извештајот“, додаде Бујар Османи.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен при минатонеделната посета на Скопје, во рамки на турнејата низ земјите од Западен Балкан, порача дека колку е подобар процесот на реформи, толку побрзо ќе дојде можноста за пристапување на државата во ЕУ.
„Постои прозорец на можности што сега е отворен. Процесот не е толку строг и се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум“, изјави Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ сака да и се приклучат земјите од Западниот Балкан, но дека за тој процес е потребно да се подготват и ЕУ и кандидатите за членство.
Според неа, добро е што во ЕУ веќе е започната дискусијата за тоа што треба таа да направи за да биде подготвена за прием на нови членки.
„Ова не беше случај во текот на минатиот мандат. Нешто значително се промени во овој мандат и работите стануваат конкретни. И затоа е и мојата молба и охрабрување за движење напред во различните држави од Западен Балкан. Колку е подобар процесот на реформи толку побрзо ќе дојде можноста за пристапување и тоа е навистина важно. Ајде заедно да го искористиме овој момент“, нагласи Урсула фон дер Лајен.
Таа истакна дека земјава е на добар пат да се приклучи кон на ЕУ и дека со нетпрение очекува да ја пречека како полноправна членка.
„Морам да кажам дека е навистина неверојатно да се види напредокот што го постигна Северна Македонија, како и нејзината решителност да се движи напред во вистинската насока. Тоа е импресивно. Знаеме дека ЕУ има долга историја на пристапување и постојано се работело на проширувањето и на почитување за сите, на секоја нација и на разноликоста која ја претставуваме. Затоа еден ден сигурна сум дека ќе ја пречекаме Северна Македонија со нејзиниот уникатен идентитет и сопствен јазик. Денес веќе имаме 24 различни јазици во ЕУ, а еден ден ќе го вброиме и македонскиот јазик“, додаде Урсула фон дер Лајен.
Европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеји вчера во обраќањето на Годишната конференција на амбасадорите на ЕУ во Брисел порача дека ЕУ на кандидатите за членство мора да им понуди кредибилен пристапен пат, кој ќе донесе резултати во реформскиот процес и ќе го намали економскиот јаз.
Според Оливер Вархеји, процесот на проширувањето стана стратешки одговор на ЕУ за мир, стабилност и просперитет во услови на фрагментиран свет.
Иако од ЕУ посочуваат дека главен критериум членство и натаму остануваат индивидуалните постигнувања и исполнувањето на Копенхашките критериуми, сепак руската агресија врз Украина и новосоздадениот геополитички контекст даде нов поттик на проширувањето и ги зголеми надежите на земјите од Западен Балкан за побрз прием во ЕУ, за што како термин во игра е 2030 година.
Во такви услови главно прашање во Брисел е дали Европската комисија ќе поддржи старт на преговорите за членство со Украина. Според, медиумски извештаи, ЕК ќе се изјасни позитивно за почеток на преговорите со Украина, Молдавија, а можеби и со Босна и Херцеговина, која е единствената земја од Западниот Балкан покрај Косово, која се уште го нема започнато преговарачкиот процес со ЕУ. Информациите за можното „зелено светло“ за БиХ предизвика реакции кај дел од диполматите во ЕУ, кои оценија дека земјата не заслужува таков статус, бидејќи бележи наздување во однос на владеењето на правото.
Сепак, последниот збор околу процесот на проширување ќе го имаат лидерите на ЕУ на Самитот предвиден за 14. и 15. декември. Неофицијално во Брисел се споменува можноста еден ден пред ова заседание на Европскиот совет, на 13. декември, да се одржи „специјален“ самит на ЕУ со лидерите од земјите од Западниот Балкан.
Од друга страна, според дипломатски извори, високиот претставник на ЕУ за надворешни политика и безбедност Жосеп Борел ги поканил шефовите на дипломатиите на земјите од Западниот Балкан на средба в понеделник во Брисел на која би се разговарало за надворешнополитички прашања.
Земјава аплицираше за прием во ЕУ во март 2004 година, по што во декември следната година доби статус на држава кандидат за членство. Од 2009 година, Европската комисија, со поддршка на Европарламентот, постојано препорачуваше старт на пристапните преговори, но тие не започнаа поради спорот со Грција околу името.
Спорот беше решен со Преспанскиот договор склучен во јуни 2018-та, кој стапи во сила во февруари следната година. Уште истиот месец по потпишувањето на Договорот, Советот на ЕУ се согласи на отворање на пристапните преговори со земјава, под услов таа да ги исполнува потребните услови. Во март 2020 година, Советот на ЕУ конечно одлучи да одобри почеток на пристапните преговори без да поставува дополнителни услови, по што во јули истата година, Европската комисија ја претстави нацрт-преговарачката рамка, врз основа на ревидираната методологија за проширување.
Конечно, по усогласување на конечната верзија на рамката, во јули 2022 година земјава заедно со Албанија формално ги започна преговрите, кои стратуваа со скринигот, како прва фаза во преговарачкиот процес. Согласно договорената преговарачка рамка, по завршувањето на скрининг процесот земјава треба да ги подоложи преговорите за членство по кластери и поглавја, под услов да изврши промена на Уставот.
Во јули годинава Владата го усвои текстот на предлогот за уставни измени, по што документот влезе во собраниска процедура. Со предлогот изработен врз основа на Заклучоците на Собранието донесени на седницата одржана на 16. јули 2022 година во врска со Заклучоците на Европскиот совет, заедничкиот став и воведната изјава на ЕУ на политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, се предивидуваат измени во Прембулата и амандманите 12 и 36 на Уставот.
Во Преамбулата по текстот „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ“, се става запирка и се додава: „бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ“.
Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.
Со измените на Амандманот 36 со кој се заменети членот 49 и Амандманот 2, се предлага уставната обврска на Републиката за грижа за дијаспората на македонскиот народ и за деловите од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, се предлага да се дополни со уставна обврска за грижа и за дијаспората на деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.
Со измените пак на Амандманот 12 со кој е замент членот 78, се предлага промена на бројот на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците од досегашните 19 да се зголеми на 43 члена, при што по 16 члена би биле од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.