Арапските лидери денеска се состануваат во Каиро за да разговараат за контрапредлогот на Египет на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на палестинското население во Појасот Газа и трансформирање на територијата во луксузно одморалиште.
Контрапредлогот предвидува Палестинците да се преселат во безбедни области во Газа опремени со мобилни домови и засолништа, додека градовите се обновуваат. Хамас ќе ја предаде власта на привремена администрација на политички независни тела, додека реформираната палестинска управа не ја преземе контролата.
Трамп претходно го шокираше регионот и светот кога предложи околу два милиони жители на Газа да се преселат во други земји. Тој рече дека САД ќе ја преземат сопственоста на територијата разурната од војна и ќе ја трансформираат во, како што рече, блискоисточна ривиера.
На самитот, чиј домаќин е египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, се очекува да присуствуваат лидерите на регионалните сили Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, чија поддршка е клучна за секој повоен план.
Од друга страна, Израел го прифати алтернативниот предлог на САД за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Тој го блокираше влезот на храна, гориво, лекови и други залихи во Газа во обид да го натера Хамас да го прифати предлогот и предупреди на дополнителни последици, што ги зголеми стравувањата од враќање на војната.