На граѓаните и на посетителите на Скопје им фалат содржини за забава, особено на децата, оние од 10 – 12 години и тоа мора се промени, порача во интервју за Рацин.мк Каја Шукова кандидатка на СДСМ за градоначалник на Скопје.
Таа вели дека за Луна паркот има обезбедено готово решение изготвено од реномирана италијанска компанија и дека истото треба да се реализира, додавајќи дека потребна е промена како на реквизитите така и на целиот концепт.
„Луна паркот е истиот кога и јас бев дете, а јас го паметам Луна Парк како едно од местата кое што ни беше за забава, и ако не секој викенд, барем два пати по месецот родителите на носеа во Луна Парк. Направено е идејно решение и многу жалосно што овие 4 години не се помести од мртва точка. Сметам дека во моментот, во градот Скопје има многу малку содржини за најмладите. Кога зборам за најмладите, зборам за оние што се до 10-12 години, баш нашите најмали и мислам дека мораме сериозно да поработиме и на тоа“ порача Шукова.
Кандидатка за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, во интервјуто зборуваше и за нејзините приоритети како иден прв човек на градот.
Меѓудругото Шукова се осврна и на културата и фактот што токму Скопје во 2028 година ќе биде европска престолнина на културата.
За да се оправда сето тоа, вели Шукова, пора под итно да се работи на ревитализација на Универзална сала, но и на другите репрезентативни културни објекти.
„Еден од проектите важен за Скопје европски град на културата во 2028 е Универзална сала. Значи, универзалната сала мора под итно да ја решиме. И не е само универзалната сала. Вие имате еден младински културен центар или повозрасните го паметат Дом на млади 25 мај. Тој во моментов е тотално нефункционален. Точно се знае кој од објектите ќе треба да бидат ревитализирани за да можеме да се прикажеме добро во 2028 година. Немаме време“ вели таа.
Шукова додаде и дека од исклучителна важност е соработката помеѓу локалната градската и централната власт, за да не се повтори оној срам од организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал
„Делот на културата за град Скопје е веќе завршен во програмата за град Скопје. Ние имаме решение, меѓутоа, ако не се соработува меѓу централната, локалната власт, ако не соработуваат градот Скопје и општините, нема да постигнеме ефект. Ќе се посрамиме како што се посрамотивме со Младинската олимпијада. Значи, мораме сите заедно. Ако сакаме да покажеме дека сме функционална држава, дека имаме функционални општини, мораме да работиме заедно“ заклучи Шукова.
Зборувајќи за сообраќајниот хаос во центарот на Скопје, кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова порача дека „Мал ринг“ мора да стане пешачка зона.
Во делот на катастрофалниот јавен превоз во Градот Скопје, Каја Шукова смета дека Бас Рапид Транзит (БРТ) системот е единственото решение за воведување на брз, современ и ефикасен јавен превоз.
Таа додаде дека за реализација на ова решение има готов проект, има обезбедено средства и дека треба да се почне со негова реализација.
Според неа, за година и половина возможно е да се воспостави трасата исток – запад.
„Крајот на 2028 година, по мене, најреално може да ја имаме првата линија. Таа е 12 километри. Има 21 постојка и некаде околу 29 или 30 автобуси кои што ќе возат на 3 до 4 минути. Можете да замислите колку брз превоз е тоа. И тоа ќе биде централна линија која ќе ги прифаќа останатите автобуси кои ќе доаѓаат, кои нема да бидат делот БРТ, туку ќе бидат останати автобуси кои ќе морат да бидат еколошки, така што дел од флотата, на ЈСП и на приватните превозници ќе мора да се обнови со нови автобуси. Значи таа линија ќе биде централна и сите ќе доаѓаат фактички до централната линија и оттука ќе биде трансферот на патниците. Проценетата бројка за трансфер на патници е некаде околу 60 до 65,000 патници дневно што е значителна бројка за Град Скопје“ порача Шукова.