Министерството почнува со проект со финансиска поддршка од Европската унија во вредност од 10 милиони евра, со кој во четири града во земјава нееколошките системи ќе бидат заменети во еколошки системи за затоплување во јавни објекти, најави денска министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
-Проектот е 10 милиони евра, околу 5,6 милиони евра ќе се користат во четири општини Скопје, Куманово, Битола и Тетово за замена на нееколошки системи. Во моментов ги мапираме објектите во тие четири града за да утврдиме точно кои се најбитните каде што треба да се почне со замената на системите. Во рамките на овој проект ќе зазелениме нови јавни површини во овие четири општини, рече Шукова на денешната најавна прес-конференција за отпочнување на годинешната акцијата за пошумување – Пошумуваме заедно 2023.
Министерката информира дека ќе набават пет или шест автобуси за Градот Скопје, исти како што биле набавени пред две години со заем од Европска банка за обнова и развој. Посочи дека овој пат ќе бидат грант за Градот Скопје.
-Во континуитет продолжуваме со она што е многу битно за да се намали загадувањето со елиминирање на нееколошките системи за затоплување, особено во јавните објекти, бидејќи мапиравме дека се уште има потреба да се помогне на јавните објекти, дали се тоа државни или општински. Им порачувам на општините и тие да го прават истото во рамките на своите надлежности, во рамките на нивните општини, бидејќи се уште има објекти каде што треба да се заменат системите. Да ги субвенционираат граѓаните во делот на набавка на инвертери како алтернативни извори на затоплување, бидејќи знаеме дека голем дел од загадувањето уште доаѓа и од јавните објекти и од домаќинствата, рече таа.
На новинарско прашање дека некои мерни станици за квалитетот на воздухот не работат, Шукова потенцира дека се работи за автоматски мониторинг станици кои имаат сензитивни делови, инструменти кои што многу често се расипуваат, меѓутоа ти се попвараат во континуитет од страна на Министерството.
-Имаме преку 20 мониторинг станици на ниво на држава, не се само во Градот Скопје и неколку луѓе работат на одржување на системот. Може да се случи ден до два да не работи мониторинг станица додека да се замени овој дел кој што е расипан со резервен дел, рече Шукова.