Подстаница во населбата Драчево, Кисела Вода, за првпат ќе добие детска градинка, соопшти денес градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Заедно со премиерот Христијан Мицкоски и заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, тој направи увид во изградбата на објектот кој е во завршна фаза.
Современата градинка се протега на 300 м², со дополнително дворно уредување од 700 м². Ќе располага со три занимални простории, една јаслена и две хетерогени групи за деца од 2 до 6 години, со капацитет за 75 дечиња. Градинката ќе биде достапна и за деца од населбата Лисиче.
Паралелно, се привршува реконструкцијата на објектот „Пеперутка 1“ во Драчево со капацитет за 60 деца, а во Расадник се гради нова градинка за 125 дечиња. Неодамна беше отворена и градинката „Верверичка“ во населбата 11 Октомври – Згради, со што значително е зголемена покриеноста со предучилишни установи во општината.
Ѓорѓиевски истакна дека во последните четири години се изградени пет нови градинки и направени пет проширувања на капацитетите, со цел да се стави крај на листите на чекање за упис. „Нашата цел е секое дете да има пристап до градинка, секој родител да биде спокоен, а воспитувачите да имаат подобри услови за работа“, рече градоначалникот.
Тој додаде дека поддршката од премиерот Мицкоски и заменик-министерот Велковски е клучна за реализација на визијата дека секое дете заслужува квалитетно предучилишно образование и дека овој модел треба да стане пракса низ цело Скопје.