Ѓорѓиевски најави изградба на нови училишта, зелена енергија и модерни услови со AI лаборатории за учениците во главниот град

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја претстави својата визија за модерно, дигитално и еколошко образование во главниот град, најавувајќи низа капитални проекти насочени кон унапредување на училиштата, наставниот процес и условите за учениците и наставниците.

„Нема посветла инвестиција од онаа во умот и срцето на едно дете“, истакна Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека образованието е темел на секој напреден град и предуслов за неговиот долгорочен развој.

Во соработка со Владата, Ѓорѓиевски најави изградба на две нови средни училишта – едното во Драчево, како нов објект на СУГС „Браќа Миладиновци“, а другото во Ѓорче Петров за СУГС „Кочо Рацин“.
Станува збор за модерни, дигитализирани и енергетски ефикасни објекти, опремени според највисоки европски стандарди.

Паралелно ќе се спроведе целосна енергетска трансформација на сите средни училишта во Скопје.
Секое ќе добие фотоволтаици, термоизолација, нови фасади и паметни системи за следење на потрошувачката на енергија.
„Училиштата нема само да учат за екологија, туку ќе живеат во склад со неа“, рече Ѓорѓиевски.

Планирана е целосна дигитализација – брз интернет во секоја училница, смарт табли, проектори и дигитални образовни содржини.
Ќе се воведе AI личен тутор, дигитален асистент кој ќе им помага на учениците во совладување на материјалот и ќе ги заменува приватните часови.
Во повеќе училишта ќе се формираат AI лаборатории со 3D модели и интерактивни симулации.

Ѓорѓиевски најави и целосна реконструкција и рестартирање на Планетариумот во МКЦ, кој ќе прерасне во модерен центар за наука и технологија достапен за сите генерации.

Ќе се обезбедат пречистувачи на воздух, нови системи за климатизација и греење, видеонадзор и училишни полицајци.
Преку програмата „Младински оброк“, секој средношколец ќе добива субвенциониран оброк преку Skopje City GO картичката.
Ќе бидат воведени модерни униформи, бесплатни патувања за најдобрите ученици и достапна психолошка поддршка во сите училишта.

Во училиштата ќе се создадат младински клубови за уметност, музика, театар и технологија, како и кариерни центри кои ќе им помогнат на учениците во изборот на професионален пат.

Ѓорѓиевски најави и формирање на Центар за природни науки, техника и дигитални технологии во соработка со универзитетите и фондациите, каде младите ќе можат да експериментираат и истражуваат.

„Ова не е само план за подобри училишта, туку стратегија за подобро општество.
Со ваква програма, Скопје ќе стане град каде секое дете има шанса, секој наставник има поддршка, а во секоја училница се создава иднината на градот,“ порача Ѓорѓиевски.