Ѓорѓиевски најави трансформација на Дрисла во модерен европски центар за отпад

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска учествуваше на панел-дискусија посветена на решенијата за депонијата „Дрисла“ и управувањето со отпадот во главниот град.

Ѓорѓиевски истакна дека на „лошото управување со отпад му доаѓа крај“, најавувајќи јасен и одржлив план за целосна трансформација на депонијата.

„Ќе ја претвориме ‘Дрисла’ во европски центар за третман на отпад, целосно усогласен со европските директиви. Скопје заслужува современ систем за селекција, рециклирање и енергетско искористување со фокус на заштита на животната средина и подобар квалитет на живот,“ изјави Ѓорѓиевски.

Во неговата програма се предвидени неколку крупни проекти кои, како што рече, ќе ја променат сликата за управувањето со отпад во Скопје:

Систем за одвоено собирање отпад, кој ќе овозможи подобар квалитет на рециклирани материјали и пониски оперативни трошоци; Постројка за дробење на градежен отпад, со што ќе се создаваат секундарни суровини што повторно ќе се користат во градежништвото; Систем за депониски гас за производство на електрична и топлинска енергија и намалување на климатското влијание; Третман на специјален отпад – електронски, медицински и индустриски, согласно највисоките европски стандарди; Прочистителна станица за отпадни води, со дигитализирано следење и автоматизирана контрола.

Како иновативни решенија, Ѓорѓиевски најави воведување на картомати за рециклажа, каде граѓаните ќе можат да добијат гратис карти за културни настани, и 24/7 дигитален надзор за автоматизирано управување со депонијата.

„Нашата цел е јасна – чист, зелен и модерен град по европски стандарди. Време е Скопје да стане пример, не за депонии, туку за европски решенија,“ порача Ѓорѓиевски.