Освен долгите историски врски и пријателство, Црна Гора и Бугарија се поврзани со актуелно сојузништво и, веруваме, наскоро и со заедничка европска иднина, изјави црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ за време на неговата официјална посета на таа земја.
– Црна Гора е многу благодарна на Бугарија за поддршката за европскиот пат на земјата, рече претседателот Ѓукановиќ на заедничката прес-конференција со шефот на бугарската држава Румен Радев во Софија.
Според него, Бугарија и Црна Гора имаат многу добро развиени односи.
Тој додаде дека денешната посета е продолжение на честиот политички дијалог меѓу двете пријателски земји. Кабинетот на црногорскиот претседател соопшти дека Ѓукановиќ бил пречекан со највисоки воени и државни почести на плоштадот Свети Александар Невски, по што положил венец на гробот на Непознатиот војник во Софија.
„Претседателите Ѓукановиќ и Радев имаа тет-а-тет разговор, кој продолжи на средбата на делегациите на Црна Гора и Бугарија“, се наведува во соопштението.
Од своја страна, Радев ги истакна добрите билатерални односи и споделувањето исти вредности.
– Бугарија и Црна Гора категорично ја осудуваат руската агресија во Украина, изјави Радев.
Според него, денешната посета е јасен израз на одличниот дијалог меѓу двете земји.
-Бугарија отсекогаш била особено силен поддржувач на европскиот пат на Црна Гора, рече Румен Радев.