Шпанскиот репрезентативен напаѓач Марко Асенсио, чиј договор истекува, во саботата објави дека ќе го напушти Реал Мадрид на крајот на сезоната и би можел да ја продолжи кариерата во ПСЖ, пишува шпанскиот спортски печат.
„Дојде време да донесам тешка одлука. Решив да преземам нова насока во кариерата за да постигнам нови цели“, изјавил Марко Асенсио на социјалните мрежи.
Фудбалерот се уште ја нема објавено својата идна дестинација, но тоа би можело да биде ПСЖ, пишува шпанскиот спортски печат.
Шпанското крило, кому овој месец му истекува договорот со Реал Мадрид, потсети дека играњето за Реал Мадрид за него било детски сон и уживал во „привилегијата да го исполнува тој сон сите овие години“.
„Реал Мадрид сака да ја изрази својата благодарност и наклонетост до Марко Асенсио, играчот кој седум сезони го бранеше нашиот грб и нашиот дрес“, соопштија од клубот, додавајќи дека – „Марко Асенсио влезе во историјата на нашиот клуб со тоа што беше дел од тим кој учествуваше во еден од нашите најславни периоди“.
На 27 години, Марко Асенсио, кој најави заминување пред последниот ден од Ла Лига против Атлетик Билбао, заминува со импресивен рекорд од 17 титули, вклучувајќи три Лига на шампиони и три шампионски титули, и вкупно 285 натпревари и 61 постигнат гол.