Пирс Броснан (70 г.), познат по улогата на Џејмс Бонд, го чека судењето во Вајоминг за наводно талкање во „чувствителните“ и опасни заштитени топли извори во Националниот парк „Јелоустоун“. Според судските документи поднесени во вторникот, тој „излетал“ од дозволената патека и се обидел одблизу да ги погледне термалните води, а обвинет е за планинарење во термална област и прекршување на забраната. Тој треба да се појави пред судот на 23. јануари.
Терасите на Мамут се популарен дел од „Јелоустоун“, кои постојано ја менуваат бојата и активноста. Федералните правила велат дека посетителите на националните паркови мора да останат на одредени патеки. Напуштањето на патеката е казниво со затвор до шест месеци и парична казна до 5.000 долари.
Пирс Броснан е само еден од туристите кои ги прекршиле правилата на паркот. Најмалку 22 лица го загубиле животот од изгореници што ги добиле во изворите и гејзерите на „Јелоустоун“. Меѓу нив е и Колин Натаниел Скот, за кој се верува дека се стопил во топла, кисела вода во 2015 година, откако ја напуштил патеката „Норис Гејзер“ во басенот во потрага по место за капење.
Температурата на водата во изворите се искачува до 72 степени Целзиусови, додека некои извори во „Јелоустоун“ може да бидат ниски и до 2 на рН скалата, само еден повеќе од желудочната киселина.
Во јуни се појави видео од пар кој ги игнорирал предупредувањата и се обидел да го допре гејзерот од 80 степени. Жената врескала од болка додека ја втурнала раката во топлиот извор.