Градоначалникот на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски, смета дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, свесно бара паралелни избори, бидејќи, како што вели, знае дека ќе ги загуби претседателските избори и ќе биде во сериозна опасност да ги загуби и парламентарните.
„Сега кутриот се исплаши бидејќи прво се претседателските, па парламентарните. Тогаш тој ќе биде во сериозна опасност, и затоа бара тие да бидат во пакет. Прави се за да дојде на власт. Мислам дека претставниците на власта нема да му овозможат“, изјави Јакимовски синоќа во емисијата „Клик плус“, пренесува Телеграфи.
За ставот на Мицкоски дека разликата од 100 до 150 илјади во првиот круг ќе ја добие кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ пред оној на СДСМ и ДУИ, Јакимовски прашува: „Која е партијата што тестира 20 луѓе“.
„Не може една партија да има 20 кандидати и тој да вели дека е сигурен. Зарем не е смешно ?“, рече Јакимовски.
Претседавачот објасни и која е, според него, разликата меѓу Мицкоски и поранешниот премиер и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Груевски го краси чесноста во комуникацијата, а Мицкоски го краси неискреноста, често знае да лаже, знае да манипулира, што не беше карактеристично за Груевски.