Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој беше осуден на три години и шест месеци затвор за две кривични дела злоупотреба на службената положба, денеска пред општинската зграда изјави дека одлуката на Основниот кривичен суд е скандалозна и дека против него нема ниту еден доказ. Тој најави дека ќе поднесе жалба на пресудата до Апелациониот суд.
Тој вели дека очекувал ослободување и дека „ова е политички трик“.
„Осуден сум затоа што ја изградив оваа и другата куќарка каде што проектот опфаќа изградба на монтажно-демонтажна куќарка, ова е од гипс, според сите прописи и стандарди, е времен објект на Министерството за транспорт и врски и не може кривично да се гони бидејќи е времен објект“, рече Јакимовски.
Тој додаде дека не се работи за криминал или корупција и нагласи дека се работи за управна постапка која може да биде прекината во која било фаза.
Инаку, градоначалникот на општината Стевчо Јакимовски е осуден на три години и шест месеци затвор за две кривични дела злоупотреба на службената положба, додека поранешен вработен во општината е осуден на две години условно. Пресудата не е правосилна и Јакимовски има право на жалба до Апелациониот суд. Тој на почетокот на судењето рече дека не е виновен.