Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која вели дека секогаш ќе биде на странага на наставниците, но просветните работници ќе добијат повисоки плати во првиот момент кога реалноста ќе дозволи покачување.
Од 2025 година се планира издвојување на средства од буџетот за наука во висина од 1 отсто од БДП наместо досегашните 0,3%.
Синдикатите очекуваат повисоки плати во образованието, односно бараат просветните работници да немааат плата под републичкиот просек. Бараат побрзо да се реши трансформацијата на работниот однос на колегите и да се донесе нов колективен договор бидејќи стариот не е усогласен со Општиот колективен договор кој беше донесен минатата година. Отворено ли е МОН за разговори со Синдикатите и кога просветните работници може да очекуваат покачување на платите?
МОН е отворен за дискусија со сите социјални партнери и учесници во образовниот систем. Во Македонија имаме една специфична ситуација и неколку пати ќе треба да ја дообјаснувам во иднина. Во Македонја владее бела чума, населението се иселува, ние имаме се помалку ученици, нашата анализа вели дека за седум години имаме 16.000 ученици помалку и 3.500 првачиња помалку. А тоа значи дека одреден број на наставници по правилата и законите се вишок.
Заради тоа за социјален мир е намалуван бројот на ученици во паралелки и ние доаѓаме во една апсурдна ситуација да имаме паралелки со енормно мал број на ученици кој не дозволува ниту социјализација, ниту квалитетно образование. Оваа Влада направи систем за подобрување на основното и средно обрсзование затоа што нашите ученици се на последните места на тестирање на ПИСА. Ние најдовме начин како сите наставници кои што ги имаме да ги вклучиме во образовниот систем тие да бидат поефективни за да може децата да стекнат повќее знаење и вештини. Оттука затоа ја предлагаме едносменската настава и инстистираме децата да бидат подолго во училиште за да можат подолго време да учат.
А, оние наставници кои се вишок де факто, да ги вклучиме во образовниот систем во она време кое е повеќе од досегашното, значи од осум до 16.30 да можат да изведуваат други воннаставни активности. Децата да примаат знаење, а наставниците да имаат работа. Оттука сметаме дека тој проблем е биде решен. Доколку има потреба, јас веќе спомнав, Државниот просветен инспекторат, Бирото за развој на образование, Државниот испитен центар, се кадровски слаби и неопремени. Таму ќе треба дополнување на кадри и тие наставници ќе се вклучат во овие институции повторно да дадат придонес во образованието оти верувам дека најголем дел од нив се одлични наставници.
Посебен проблем е што дистрибуцијата во општините и во регионите не е соодветна, во одредени региони има вишок, а во одредени места има недостаток на наставници. Тоа е посебна анализа која сега се работи со помош на УНИЦЕФ и Светската банка. До промена на Законот за наставници и до остварување на инфраструктурните можности се повеќе училишта ќе влезат во целодневна настава, ние полека ќе го разрешуваме и овој проблем.
Апсолутно како министер сметам дека наставниците заслужуваат подобра позиција во општеството, повеќе почит, повеќе уважување од страна на сите чинитело во општеството. И да, јас би сакала уште утре да им се покачи платата и не само толку проценти колку што е предвидено во колективниот договор туку двојно повеќе. Но, мора да бидеме реални, прво за оваа ситуација која ја опишав, дека оваа Влада наследи девастирана држава.
МОН наследи пет милијарди долг, притоа се грижи за ученички стандард, за исплата на помош, за студентски стандард, за неисплатен превоз. Бројни се проблемите со кои МОН се сочува. Во секој момент ќе бидам на страната на наставниците, во секој момент грчевито и силно ќе укажувам на нивната значајна улога во општеството, затоа што и јас сум наставник, знам што значи тоа. И во првиот момент кога реалноста ќе дозволи покачување на нивните плати, јас сум сигурна дека Владата ќе има разбирање и дека тоа ќе се случи.
Секоја година се намалува предлог-буџетот на МОН за наука, а државните универзитети тонат на светските ранг-листи за најдобри универзитети каде што критериум за рангирање се и научните трудови, истражувања. Каде погреши МОН, а каде универзитетите?
Во минатото МОН правел грешки и во иднина ќе се потрудиме МОН да не ги прави тие грешки. Во минатото многу малку е одвојувано за наука, за жал 0,3 % иако има различни информации. Оваа влада планира да издвојува во иднина по 1% од БДП и ние ќе почнеме со Буџетот за 2025 да одвојуваме повеќе за наука. Тоа секако ќе придонесе за рангирањето на Универзитетот на Шангајската листа. Но и универзитетите односно факултетите треба да покажат поголема проактивност за нивно ангажирање во науката и поврзување со стопанството од каде што навистина може да се добијат корисни средства за добробит и за едните и за другите.