„Во моментов во едносменска настава работат 150 училишта, додека за целосна оптимизација на училишната мрежа, што подразбира и спроведување на едносменско работење во сите основни училишта во државата, потребно е да се изградат 300 училници и 70 санитарни јазли, за што според проценките што ги направивме со УНИЦЕФ и Светска банка треба да се инвестираат околу 8 милиони евра. Покрај средства, потребно е и време, но ќе бидеме упорни и во соработка со локалната самоуправа ќе ја постигнеме целта“.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при денешната посета на ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, во општина Ѓорче Петров, каде од денеска сите наставници и ученици ќе одат во една смена.
„Исклучително сум задоволен што општините ја прифаќаат оваа идеја, бидејќи нуди повеќе бенефиции – децата ги одржуваме подолго во училиште, имајќи предвид дека до 15 години имаат 900 часа помалку од нивните врсници од Европа, а повеќе се дружат и се почитуваат, ги намалуваме тековните трошоци за функционирање на училишните објекти, а предизвикот го решаваме со наставниците кои немаат доволно средства за настава“, рече Јаневска.
Министерката повтори дека е важна иницијативата на општинското раководство за подобрување на состојбите во образованието, бидејќи, како што нагласи, на сите ни е јасно дека знаењето на граѓаните е фактор на кој се потпираме и кој треба да го води развојот на државата.
Во општина Ѓорче Петров досега смени се реализираа во четири од вкупно шест основни училишта.
„Јасно е дека овој процес ќе трае подолго, а не година или две, бидејќи се потребни големи инвестиции во инфраструктурата за да се создадат услови за едносменска настава насекаде. Но, почнавме и ќе бидеме упорни. Немаме друга алтернатива ако сакаме поефективно образование, генерации социјализирани со подобро знаење од она што досега го покажаа на меѓународните тестови“, додаде Јаневска.