Планираме во Македонија да има осум регионални центи за стручно образование и обука. Три веќе има, два тукушто почнаа да се развиваат, а дополнителни три ќе отвориме во следниот период. Во секој регион во државата ќе функционира по еден центар и во истиот според потребите на регионалниот пазар на трудот, ќе се изучуваат соодветни струки.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во вечерашното гостување на ТВ Клан, каде говореше за тековните активности на Министерството за образование и наука и планираните промени во периодот што следи.
„Средното стручно образование е квалитетно и добро се развива. Имаме одлична соработка со бизнис заедницата, со швајцарската и германската амбасада, со Европската Унија и тие многу ни помагаат во обликувањето и спроведувањето на дуалното образование и учењето преку работа. Овој тип на образование создава кадри кои недостасуваат на пазарот на трудот“, рече Јаневска, додавајќи дека кога младите луѓе добиваат соодветно знаење и пристојна работа, тие остануваат во земјата.
Говорејќи за состојбата со учебниците, рече дека наскоро ќе има нов Закон за учебници и дека ќе се докомплетираат учебниците по сите предмети по кои недостасуваат, со исклучок на оние по кои нема потреба да се печатат и тоа најчесто во стручното образование, каде како што рече, наставата е сведена повеќе на практична обука.