Јаневска: Ниту еден наставник нема да остане без работа со новиот концепт за средно образование

„Ниту еден наставник нема да остане без работа со новиот концепт за реформи во средното образование. Целиот проект-концепт е направен со цел ниту еден наставник да не остане без работа, напротив, тие ќе бидат повеќе посветени нашите ученици да одат барем два скалила погоре на тестовите ПИСА“.

Ова го рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одговарајќи на прашање од пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, која обвини дека целиот концепт се прави без јавна расправа.

Јаневска рече дека не е точно дека нацрт-концептот не е достапен на пошироката јавност.

„Не е точно дека нема јавна дебата, јас бев на Филозофскиот факултет и се сретнав со нивни претставници – имаше декани, раководители на психологија, социологија, разговаравме, дискусијата беше конструктивна од моја гледна точка. Не се работи само за мислењето на експертите, туку по таа дискусија, она што се појавува во печатот има друга позадина. Се договоривме во рок од осум до десет дена да дадат предлог каков треба да биде концептот“, рече Јаневска.

Тој нагласи дека тој концепт ќе го брани со целосна решителност, но до постигнување консензус ќе продолжат дискусиите, бидејќи како што нагласи, средното образование не е реформирано 24 години.

„Повторно ќе излезам на терен и ќе се сретнам со претставници на наставниците и учениците, досега учениците не нашле поплаки. Концептот за средно образование не е променет веќе дваесет и четири години, учениците учат со учебници стари 24 години. Барате да не се менува ништо, да се продолжи за нашите ученици да ги добијат истите резултати кога ќе ги полагаат тестовите за ПИСА. Бројот на часови на општествени предмети досега не ги направи нашите ученици повисоки на скалата на ПИСА тестот“, потенцира Јаневска.

Во одговор на обвинувањата на пратеникот дека со отстранување на одредени предмети учениците ќе останат без критичко размислување, Јаневска рече дека светската стручна литература вели дека критичкото размислување на децата почнува кога ќе учат математика.