Вчера дадов изјава за тема која е прилично актуелна неколку години – недостигот на учебници. Изјавата не беше најдобро срочена и остави простор за различно толкување, што го искористија поединци, но и политичкиот опонент, кој всушност го доведе образованието во ваква состојба каква што е денес – објави на својата фејсбук страница министерката за образование Весна Јаневска.
Во нејзиниот статус понатаму стои:
Немам никаков проблем да се извинам кога грешам и го сторив тоа денес. Уште еднаш потврдувам дека формулацијата ми беше несоодветна. Но, се случуваат вакви ситуации кога сте прилично активни, искрени во намерите да направите нешто добро за образовниот систем и целосно транспарентни кон медиумите и јавноста.
Суштината на тоа што сакав да го кажам е дека во Македонија нема учебници за јазикот и културата на заедниците. Предлог учебниците кои биле доставени лани, се оценети како несоодветни и затоа не биле одобрени од Бирото за развој на образованието. Несоодветни, затоа што во нив се повторува материја поврзана со дефиниции од областа на граматиката, дефиниции за именка, заменка и слично, а тоа е нешто што секој ученик го изучува по мајчиниот јазик. Кога се изучува јазикот на некоја од заедниците што живеат во Македонија, тогаш фокусот, според стручната фела треба да биде насочен кон комуникацискиот аспект, а во недостиг на литература, вештините за комуникација децата ги стекнуваат и преку емисии и анимирани серии и филмови соодветни на нивната возраст. Мнозинството од нив ракуваат со дигитални уреди и користејќи интернет, се едуцираат, меѓудругото и јазично. Сигурно сте забележале вашето или друго дете дека гледа емисија, едукативно видео и слично што се емитува на друг јазик, на пример албански, српски, босански и така натаму и почнува да ја разбира содржината и да меморира зборови. И токму тоа сакав да го потенцирам. Децата годинава ќе ги немаат овие учебници за изучување на јазикот и културата на заедниците, но ќе имаат помошни материјали објавени на веб страната на Бирото за развој на образованието, а опција се и други содржини на интернетот.
Догодина сигурна сум дека ќе ги обезбедиме и овие и учебниците по сите странски јазици. За квалитетно изучување и на граматичките аспекти на јазиците. Тоа се два различни типа на учебници кои, да повторам, ги немало со години наназад. Од следната 2025-2026 учебна година, ќе ги има сите!
Се надевам дека сега е малку појасно, тоа што сакав и вчера да го објаснам на граѓаните. Денес го дообјаснувам, на сите оние кои сметаат дека состојбите не чинат и навистина сакаат промени кон подобро.
А душегрижниците кои 7 години не мрднаа со прст кога образованието пропаѓаше, кога деца немаа никакви учебници, кога учеа за нови родови, кога се укинуваше историјата како предмет, се спојуваа хемии и физики, кога булингот стана вообичаена појава во училиштата…нема потреба сега да се истакнуваат. Индиферентноста за општеството и интересот само за сеир, на таквите како нив, нè доведоа до ова. Ќе прифатам само доколку дадат некој сериозен и конструктивен предлог како да напредуваме на ранг листите на ПИСА, како да ја развиеме креативноста кај младите, да ги стимулираме да создаваат иновации, да имаме што повеќе претставници на меѓународни олимпијади и натпревари. Ајде покажете интерес, волја за единство и заедничка акција. Способноста за лаги и манипулации не е вистинската вредност на човекот.
Македонија заслужува да има и ќе има поквалитетен образовен систем, во тоа сум сигурна! Колку и да се обидува некој да ја попречи или оспори мојата работа.