Јаневска: Студентскиот оброк ќе остане 140 денари, но ќе бидат вклучени повеќе студенти

Министерката за образование и наука Весна Јаневска информираше дека се работи на законот за студентски стандард и дека студентскиот оброк ќе остане 140 денари, но ќе се прошири опфатот и ќе се вклучат повеќе студенти.

Прашана дали ќе има промена на моделот на студентска исхрана и во која насока мисли дека ќе оди, Јаневска одговори позитивно.

„Да, тоа е планирано, во моментов се работи на законот за студентски стандард. Според дописот што го добивме од студентите, студентскиот оброк ќе остане 140 денари, но опфатот ќе се прошири и ќе се вклучат повеќе студенти“, информира Јаневска при посетата на „Саемот за образование“ во организација на студентската иницијатива „Студентарија“.

Таа најави и дека реновирањето на студентскиот дом „Пелагонија“ ќе започне откако ќе завршат двата дома, кои во моментов се во фаза на уредување.

„Реновирањето на студентските домови треба да продолжи постепено за да можат да се сместат студентите кои сакаат да студираат во Скопје. Затоа, откако ќе завршат двете што почнаа, ќе почне и реновирањето на „Пелагонија““, одговори таа на новинарско прашање.