Судот во Јапонија осуди 45-годишен маж на смрт во четвртокот за подметнување пожар во познатото студио за анимација во Кјото во 2019 година, при што загинаа 36 луѓе во најголемото масовно убиство во земјата во последните 20 години, јавува CNN.
Шинџи Аоба e обвинет за убиство и подметнување пожар откако на полицијата и кажал дека неговата работа е плагијат и дека користел бензин за да го запали студиото. Окружниот суд во Кјото го прогласи за виновен во четвртокот.
Десетици луѓе биле во трикатницата во моментот на пожарот, кој толку брзо се проширил што многумина немале време да избегаат, соопшти тогаш полицијата. Сите загинати се вработени, а повредени биле најмалку 32 лица.
Во пресудата, претседавачкиот судија Кеисуке Масуда го нарече злосторството на Шинџи Аоба „навистина грозоморно и нехумано“.
„Смртта на жртвите беше премногу сериозна и трагична“, изјави Кеисуке Масуда, опишувајќи како пламенот и чадот го зафатија студиото.
„Не може да се опише ужасот и болката на жртвите кои загинаа, кои веднаш се претворија во пепел, или кои починаа потоа“, изјави судијата.
На прес-конференција во 2019 година, полицијата изјави дека Шинџи Аоба има неодредени проблеми со менталното здравје.
Тој се изјасни за невин на судењето, кое започна во септември минатата година, а неговите бранители тврдеа дека тој има ментално растројство и дека не може кривично да одговара.
Обвинителите, сепак, побараа смртна казна, тврдејќи дека Шинџи Аоба е сосема нормален.