Јапонското Министерство за здравство наскоро ќе одлучи дали за првпат ќе ја легализира таблетата за абортус, која неодамна беше одобрена од комисија од експерти.
Абортусот е легален во Јапонија до 22 недела од бременоста. Операцијата во моментов е единствената достапна опција и обично бара согласност од брачниот другар.
Во декември 2021 година, британската фармацевтска компанија „Линефарма“ поднесе барање до јапонските власти за дозвола за продажба на апчиња за абортус, кои може да се користат на почетокот на бременоста. Таа пилула е веќе достапна во многу земји.
Франција беше првата што ја одобри пилулата во 1988 година, додека во САД се продава од 2000 година.
Неименуван функционер на јапонското Министерство за здравство вчера изјави за АФП дека комисија од експерти не гледа проблем со легализацијата на пилулата.
Според локалните медиуми, лекарскиот рецепт за таа таблета би можел да биде одобрен веќе во март.
Хируршките абортуси не се покриени со јапонското социјално осигурување и може да чинат од 100.000 до 200.000 јени (помеѓу 700 и 1.400 евра). Абортусите во подоцнежната бременост понекогаш се поскапи.