Владата на Кина во петокот нагласи дека нема да испорачува оружје на Русија за поддршка на актуелната инвазија од Кремљ на Украина, сега или во иднина.
„Не даваме и нема да им доставуваме оружје на страните во конфликтот“, нагласи министерот за надворешни работи на Кина, Чин Ганг, по речиси двочасовните разговори со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок во Пекинг.
Тој, исто така, порача дека оружјето кое се испраќа може да биде со двојна намена, која може да се користи и за цивилни, но и за воени цели.
Кинеската страна со тоа одговори на честите предупредувања на САД и другите западни земји до Кина да не испорачува оружје на Русија.
„Улогата на Кина во Украина е да промовира помирување и да ги унапреди мировните преговори“, посочи Чин Ганг.
„Нема да продолжиме да долеваме масло на огнот“, нагласи тој.
Неговите коментари уследија откако Баербок ја повика Кина посилно да го притисне рускиот претседател Владимир Путин за да ја прекине војната против Украина.
Германската министерка кажа дека посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва покажала дека ниту една друга земја нема поголемо влијание врз Русија од Кина.
„Одлуката за тоа како да се искористи ова влијание директно влијае на основните интереси на Европа“, нагласи таа.
„Како што Кина успешно учествуваше во мирното помирување меѓу Иран и Саудиска Арабија, се надеваме дека тоа исто така ќе ја охрабри Русија конечно да ја прекине својата агресија врз Украина и да се вклучи во мирно решавање на конфликтот“, порача првата дама на германската дипломатија.
Баербок, исто така, истакна дека, како постојана членка на Советот за безбедност, Кина има посебна одговорност во оваа војна.
Таа го пофали Пекинг за сигнализирањето на неговата посветеност за изнаоѓање решение, цитирајќи го документот од 12 точки објавен од Кина за ставање крај на конфликтот што беше критикуван на Запад.
„Но, морам искрено да кажам дека се прашувам зошто досегашното позиционирање на Кина не вклучува повик до агресорот Русија да ја прекине војната. Сите знаеме дека претседателот Владимир Путин би имал можност да го стори тоа во секое време“, вели Баербок.
Таа додаде дека – „е подеднакво клучно да не се дозволи испорака на оружје за Русија што дополнително ја продолжува оваа агресија и исто така да се спречи употребата на стоки со двојна употреба за војна“.