САД и Европската унија во средата му порачаа на Косово да направи отстапки во спорот со Србите на северот на земјата или ќе се соочат со „последици“.
Предупредувањето дојде откако американските и европските претставници ги завршија своите посети на Косово и Србија за да ги смират тензиите што ескалираа во насилство минатата недела, во кое беа повредени десетици мировници на НАТО (КФОР) и српски демонстранти од северно Косово.
Насилството се случи откако косовските власти поставија градоначалници етнички Албанци во општинските канцеларии. Градоначалниците беа избрани врз основа на излезност од само 3,5 отсто на изборите, откако мнозинството Срби во тој регион ги бојкотираа локалните избори.
Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кажа дека Косово мора да им даде поголема автономија на општините со мнозинско српско население, доколку сака да се приближи до влезот во НАТО и ЕУ.
„Акциите преземени или непреземени може да имаат некои последици што ќе влијаат на делови од односите меѓу Косово и САД, не сакам да навлегувам во тоа“, изјави Габриел Ескобар за косовските медиуми во вторникот, пред да замине за Белград.
Тој и Мирослав Лајчак од ЕУ дополнително не појаснија со какви други последици може да се соочи владата на премиерот Албин Курти доколку не се согласи со нивните барања.
„Мислам дека овие работи не се решаваат со притисок и спомнување на последици или дури и санкции“, им порача Албин Курти на новинарите во средата и додаде: „Имаме предизвици со претставниците на ЕУ и САД, но нашите билатерални односи со ЕУ и САД се одлични“.
Мирослав Лајчак во понеделникот кажа дека пратениците му предложиле на Албин Курти за деескалација на ситуацијата во северно Косово, додавајќи дека имале „долга, искрена и тешка дискусија“.
САД и ЕУ го повикаа Албин Курти да ги отстрани градоначалниците од функцијата и да ги повлече специјалните полициски единици кои помогнаа во поставувањето на градоначалниците во северните општини.
Тие, исто така, повикаа на нови избори на северот, со учество на Србите, а во исто време побараа од Косово да го спроведе договорот од 2013 година со кој ќе се создаде асоцијација на српски општини за да и се даде на заедницата поголема автономија.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави за медиумската агенција Reuters дека може да се одржат нови избори во тие заедници доколку 20 отсто од жителите потпишат петиција со која бараат тие избори.
Висок косовски функционер изјави за Reuters дека западните држави, кои жестоко се залагаат за независност на земјата откако таа формално ги прекина врските со Србија, го предупредиле Албин Курти дека Косово може да се соочи со повеќе казнени мерки.
Минатата недела Вашингтон го откажа учеството на земјата во воените вежби предводени од САД.
Портпаролот на ЕУ за надворешни работи Петер Стано изјави дека Мирослав Лајчак за ситуацијата на Косово ќе му извести на првиот човек на европската дипломатија, Жозеп Борел, кој потоа ќе се консултира со земјите-членки на ЕУ.
Тој вели дека – „дури тогаш ќе разговара за потенцијалните следни чекори или мерки во зависност од тоа дали двете страни ќе преземат искрени и итни чекори за деескалација на ситуацијата или не“.
НАТО има околу 4.000 војници во Косово и нареди дополнителни 700 како одговор на разгорувањето на насилството.