Јеменските Хуси: Од ноември 2023 година нападнавме 73 израелски, американски и британски брода

– Јеменските Хуси објавија дека од ноември 2023 година извршиле напади врз 73 брода на Израел, Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија во Црвеното Море и Аденскиот Залив откако Израел започна напади врз Појасот Газа.

Абдул-Малик ал-Хуси, лидер на проиранската група Хуси во Јемен, за телевизијата Ал-Месира изјави дека морале да реагираат на нападите на израелската војска врз Појасот Газа.

„Гаѓавме вкупно 73 брода и други пловила (израелски, американски и британски, заб.ав.) во Црвеното Море и Аденскиот Залив од ноември 2023 година, кога започнаа нашите операции како форма на поддршка за палестинскиот народ во Газа“, истакна Ал-Хуси.

Тој додаде дека во текот на операциите во Црвеното Море и Аденскиот Залив загинале 34 припадници на Хусите.

Од минатата есен Хусите вршат напади врз товарните бродови во Црвеното Море во сопственост или управувани од израелски компании или кои превезуваат стока до и од Израел во знак на солидарност со Газа.

Со ескалацијата на тензиите поради заедничките воздушни напади на САД и Велика Британија врз позиции на Хусите во Јемен, групата објави дека сите американски и британски бродови ги смета за легитимни воени цели.

Црвеното Море е еден од најкористените морски патишта во светот за транспорт на нафта и гориво.