„Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, се два посебни закона кои третираат сосема различни прашања. И едниот и другиот закон третираат човекови права меѓутоа суштината на законите е различна“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во Дневникот на КТВ Телевизија.
Таа информираше и дека за Предлог законот за родова еднаквост биле реализирани 18 јавни расправи, како и посебна јавна расправа со пратеничките од сите политички партии, каде што немало ниту една забелешка ниту за дефиницијата родова еднаквост, пол и род, пренесува МТСП.
Министерката, стои во информацијата, појасни дека единствената цел на Законот за родова еднаквост е унапредување на положбата на жените во општеството, како и да се зголеми видливоста и посветеноста на институциите кон прашањето за родова еднаквост.
„Предлог законот за родова еднаквост е за подобрување на семејните вредности, за почитување на семејните вредности, за заштита на децата, и насочен е токму кон унапредување на положбата на жените. За видливоста на жените во процесите на одлучување, превенирањето на насилството врз жените, подобрувањето на положбата на жените на пазарот на труд“, потенцираше Тренчевска.
Таа истакна дека за семејните вредности и заштитата на децата Министерството за труд и социјална политика, работи посветено.
„За нас семејни вредности се измените во новиот закон за работни односи, каде што воведуваме татковство, мајчинство и родителско отсуство за да можат и двајцата родители подеднакво се грижат за своето дете. Градењето на 81 градинка само за 5 години, вложувањето во воспитно образовниот кадар, кој ќе обезбеди правилен раст и развој на децата, тоа се семејни вредности“, порача Тренчевска.
Притоа таа посочи и дека семејни вредности се и социјалните услуги во 44 општини, грижата за старите лица преку помош и нега во домот. Целата социјална политика е насочена кон заштита на децата и семејните вредности.
Министерката Тренчевска најави дека во Кавадарци наскоро ќе се гради нов Дневен центар за лица со попреченост како и Дом за стари лица.
Тренчевска ја најави и новата Кампања за млади – Остави трага. Целта е да се допре до младите и да се информираат за сите можности, за пазарот на труд и јакнење на нивните вештини, за менталното здравје, поубава иднина за младите и нивно задржување во својата држава, соопшти МТСП