– Началникот на Комисијата за примена на Воено-техничкиот договор, полковник Зоран Јовановиќ, по повод наводите на премиерот на Косово, Албин Курти, за движењето на силите на Војската на Србија во близина на границата со Косово, истакна дека тоа е продолжение на „кампањата на дезинформации насочена против Војската на Србија и безбедносните сили на Република Србија“.
„Во објавата на социјалните мрежи се гледаат припадници на Војската на Србија во Копнената безбедносна зона кои вршат редовни задачи за обезбедување на административната линија и контрола на Копнената безбедносна зона во согласност со Воено-техничките и сите други потпишани договори. Во извршувањето на овие задачи и примената на Воено-техничкиот договор, единиците на Војската на Србија соработуваат со Меѓународните сили на Косово и Метохија (КФОР). За контрола на спроведувањето, соработката со КФОР и одржувањето непрекината комуникација меѓу безбедносните сили на Република Србија и КФОР е задолжена Комисијата за примена на Воено-техничкиот договор“, се наведува во изјавата за јавноста на началникот на Комисијата за примена на Воено-техничкиот договор Зоран Јовановиќ.
„Преку навремени и сеопфатни подготовки, правилна организација на силите и преземање адекватни тактички дејствија“, како што наведе Јовановиќ, „Војската на Србија ја обезбедува административната линија, врши контрола, спречува илегални премини на административната линија, индивидуални и групни екстремистички активности и дејствување на организираниот криминал во Копнената безбедносна зона и ќе продолжи да биде фактор на мирот и стабилноста.“
Косовскиот премиер Албин Курти го обвини официјален Белград дека намерно провоцира со вежбите на Војската на Србија во близина на границата со Косово.
Курти доцна синоќа на Фејсбук објави видео на кое се гледа движењето на специјализирана единица на Војската на Србија покрај границата со Косово.
„На само неколку метри од границата со Косово, во близина на селото Бање во Зубин Поток, во текот на денот беа забележани специјализирани единици на Војската на Србија. Слични движења се забележани и во селото Осларе во Бујановац, во близина на границата со Косово“, напиша Курти.
Косовскиот премиер потсети дека српскиот претседател Александар Вучиќ пред неколку дена јавно му се закани на Косово велејќи дека „Србија ќе го сочека најдобриот можен момент и ќе ја искористам можноста да дејствувам“.
„Свесни сме дека Војската на Србија спроведува редовни вежби и дека ги користи како изговор за намерни провокации во близина на границата со Косово. Внимателно следиме дали ќе се обидат да ја поминат границата, бидејќи не е нормален ваквиот пристап на нивните воени возила“, нагласи Курти.