Бугарската потпретседателка Илијана Јотова вели дека Бугарија не и’ наметнува дополнителни услови на Северна Македонија, туку треба да се почитуваат само потпишаните договори, пишува Телеграф Македонија.
„Бугарија никогаш не отстапила од договорената рамка и не поставила дополнителни услови за почеток на преговорите за европско членство со Република Северна Македонија, туку сака Скопје да ги почитува европските договори. Тоа не се бугарски барања, туку европски критериуми за членство, од кои главен е заштитата на човековите права“, рече Јотова пред специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, со кого имаше средба во Софија.
Во разговорот беше нагласена водечката улога на Бугарија во процесот на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан. Според бугарските медиуми, Јотова нагласила дека Бугарија во 2018 година, за време на претседавањето со Советот на Европската унија, успеала да ја врати темата за европската иднина на Западен Балкан на европската агенда.
Таа ја посочи декларацијата усвоена во Софија на самитот ЕУ-Западен Балкан како клучен документ.
Во однос на европскиот пат на Северна Македонија, Јотова го истакна утврдениот консензус на бугарскиот став за вклучување на Бугарите во Уставот на Македонија и целосно спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство.
„Очекуваме Скопје да ги исполни договорите потпишани во 2022 година. Францускиот предлог беше одобрен од сите земји-членки на ЕУ, но и од Македонија“, рече Јотова.