Бројот на мигранти кои илегално влегле во Централна и Западна Европа преку балканската рута е преполовен во јануари во однос на декември минатата година, изјави еврокомесарот за внатрешни работи Илва Јохансон.
Таа пред Одборот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на Европскиот парламент изјави дека трендот на намалување е веќе забележан во декември, кога бројот на илегални мигранти кои минуваат низ Балканот е намален за 30 отсто, пренесува бугарскиот портал „Дневник“.
По должината на т.н Балканска рути во декември се откриени 8.944 нелегални влезови, а Јохансон тврди дека ова намалување се должи на вонредните мерки воведени од земјите-членки и Европската комисија.
„Со заедничко дејствување, можно е да се влијае на илегалните пристигнувања, но тоа нема никаква врска со правото на Бугарија и Романија да бидат дел од Шенген“, рече Јохансон.
Јохансон им порача на пратениците и дека Бугарија и Романија ги исполниле сите услови за членство и дека во моментов нема отворени прашања што треба да ги решат за да бидат примени во Шенген.
Во врска со барањето на Холандија за дополнителен извештај за почитување на владеењето на правото во Бугарија, Јохансон рече дека „не може да се постават дополнителни критериуми, бидејќи тоа не е фер доколку сте ги исполниле условите“.
На прашањето дали тоа значи дека може да се очекува ново гласање за номинациите во март, Јохансон рече дека тоа ќе зависи од шведското претседавање со Советот на ЕУ, кое мора да одлучи кога прашањето би можело да се врати на агендата на министрите за внатрешни работи на ЕУ.
Според податоците на Европската гранична агенција „Фронтекс“, балканската рута најмногу ја користеле трговците со луѓе во 2022 година, преку која биле регистрирани 145.600 нелегални влегувања во ЕУ, што е зголемување за 136 отсто во однос на 2021 година.
Најчесто илегалните мигранти кои се фатени долж рутата, се изјаснуваат како државјани на Сирија, Авганистан, Турција и Тунис.