„Југославија“ официјално заминува во историјата: Почна рушењето на хотелот

Компанијата Милениум Тим денеска соопшти дека започнала со изградба на нов луксузен станбено деловен комплекс на местото на поранешниот хотел „Jугославија“ во Белград.

Во тек е првата фаза на подготовка на локацијата, при што се отстрануваат постојните капацитети за да се обезбеди простор за изградба на модерен комплекс, вклучително и хотел од висока категорија, а ќе трае во наредните четири месеци, се наведува во соопштението.

Проектот е вреден меѓу 400 и 500 милиони евра, а се планира да биде завршен до 2027 година.

– Проектот ќе го претвори просторот на стариот хотел во престижна дестинација. Комплексот ќе опфати луксузен хотел со 200 соби и две кули – станбена кула со висина од 42 ката и деловна кула со висина од 34 ката, од кои ниту една нема да надмине висина од 150 метри – стои во соопштението.

Се додава дека проектот вклучува и модерен пешачки коридор кој ќе го поврзе булеварот Никола Тесла со шеталиштето покрај Сава, како и уредување на брегот и изградба на марина за прием на патници и чамци.

Компанијата нагласува дека со започнувањето со работа на овој комплекс придонесува за развој на Белград, следејќи ги највисоките стандарди на градежната индустрија и почитувајќи ги сите законски и урбанистички прописи на Град Белград.

Условите за оваа трансформација беа обезбедени во март годинава, кога тимот на Милениум ја презеде локацијата на хотелот „Југославија“, преку купување на правниот субјект Дунав Риверсајд, со почетна инвестиција од над 42 милиони евра.

– Тимот на Милениум останува посветен на локалната заедница, градејќи проекти кои комбинираат иновации, одговорен бизнис и највисоки еколошки стандарди – се наведува во соопштението.

Се додава дека преку своите општествено одговорни иницијативи, компанијата ја донираше скулптурата „Воден цвет“ на Националниот музеј на Србија, дело на истакнатиот српски скулптор Александар Зарин, а донира писма од зградата на стариот хотел „Југославија“ на Музејот на град Белград, со што се зачува дел од културното наследство на Белград.