Љутков ја обвини Костадиновска Стојчевска дека оставила помор во културата, пратеничката му врати дека додека бил во Синдикатот жестоко го бранел Колективниот договор

Министерот за култура, Зоран Љутков денеска порача дека проблемот со платите на кулурните работници и пресметката е поради, како што вели, хаосот и поморот што претходното раководство на ресорот ги оставило. Вели дека никогаш не рекол како Колективниот договор е незаконски туку секогаш кажувал дека договорот нема поддршка од Министерството за финансии. Ова го кажа Љутков на пратеничко прашање на неговата претходничка во ресорот, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

-Го потпишал еден министер кој што поим нема што потпишува и немал направено анализа каква штета ќе направи на културата. Вие добро знаете дека кога немате поддршка од Министерството за финансии, кога нема позитивна согласност, значи дека средствата треба да си ги обезбедувате од сопствениот буџет. И вие тоа сте го дозволиле четири години. Сте биле министер, ќе дојде минималната плата, ќе треба да ги регулирате платите и ќе отидете во МФ, а таму ќе ви речат не може ова вака и обезбедите си ги средствата од Буџетот. Ќе дојде ребаланс и ќе им кажете на националните установи ајде кратете по 30% и со тие средства ќе ги покриеме платите. Тоа сте го правеле со три буџети, истакна тој.

Рече дека претходно се крателе пари од програми, за да има за плати.

-За првпат не скративме од програмските активности, а институциите продолжија да работат, првпат по потпишување на колективниот договор. И во 2025 година го предвидовме истото, по оваа пресметка, нема да се крати од програмите и ќе има плус од 40 отсто во некои институции. Кога некој ги решава проблемите, тоа не ви се допаѓа, оти по седум години првпат почнавме со реформи. Вие бевте министерката која нѐ направи загубари. Фелата не коментираше за ништо друго, вие од партиска говорница коментиравте. За поединците и неработниците нема да зборувам. Кога почнуваме да работиме за вас има проблем, додаде Љутков и најави нов колективен договор.

На тоа, пратеничката кажа дека Љутков додека бил во Синдикатот на културата, жестоко го бранел Колективниот договор.

-Јас го видов ребалансот и видов дека парите што ги добивте за Инспекторатот за македонски јазик, не ги употребивте. Јазикот не ви е усогласен со Законот за инспекциски надзор. Лани ја имавме најголемата програма и со мојот буџет ја завршивте годината. Како – ќе дојде некој после вас, па ќе видиме. Ако зборувате за долгови, какви долгови? Не ви оставивме, само програма и проекти и половина од нив се стопирани. Од програма никогаш не се кратело во култура…, кажа меѓу другото Костадиновска-Стојчевска.