Њујорк Тајмс: Трамп нареди „пауза“ со апсењата на мигранти во хотели и ресторани

Администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, им нареди на службениците на Службата за имиграција и царина (ICE) да ги „паузираат“ рациите и апсењата на мигранти во хотели и ресторани, објавија американските медиуми.

Суспензијата на рациите и апсењата се однесува и на оние кои работат во земјоделската индустрија, наведува „Њујорк тајмс“, додавајќи дека ги добил овие информации врз основа на изјавите на тројца службеници запознаени со ситуацијата и една е-пошта за „внатрешна употреба“.

Трамп претходно во четврток изјави дека наскоро ќе издаде наредба во врска со ефектите од неговите антиимиграциски мерки врз американското земјоделство и угостителство, два сектори на економијата кои во голема мера зависат од мигрантската работна сила.