Коалицијата „Вреди“ денеска во Тетово ја претстави својата изборна програма „План 2030“ во која една од главните точки е донесување нов Устав со кој Албанците би биле второ мнозинство во државата.
Во програмата се предвидува и забрана за коцкање и брзи заеми, ослободување на затвореници од монтирани случаи, слободни економски зони за печалбари и за млади, зголемување пензии, социјална помош и субвенции, а капиталните инвестиции да достигнат до 150 евра по жител.
Носителот на листата во шестата изборна единица, Биљал Касами рече дека нивната програма ќе биде победничка и дека по парламентарните избори ќе бидат дел од владината коалиција.
-Нашата програма се однесува на економскиот развој, интегрирање на државата во Европската Унија, како и на подобрување на меѓуетничките односи, подобрување на правата на Албанците кои ги претставуваме. Сигурни сме дека на 8 мај оваа листа и оваа програма ќе биде победничка и после 8 мај ќе биде дел од владината коалиција – рече Касами.
На прашањето за потенцијално коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ по парламентарните избори, Касами одговори дека се подготвени за разговор.
-Кажуваме дека сме подготвени да седнеме да разговараме за составување на идната влада со тоа што цениме дека сме единствени претставници на Албанците – истакна тој.