Ќе ви требаат два телевизори за да уживате во фудбалот: Познатиот распоред на натпревари од четвртфиналето во Лигата на шампионите

Европското фудбалско тело (УЕФА) ги објави термините на натпреварите за четвртфиналните натпревари од Лигата на шампионите.

УЕФА, на изненадување на сите, одлучи да го откаже стартниот термин од 18 часот и 45 минути, а преостанатите натпревари од Лигата на шампионите за оваа сезона ќе се играат во 21 часот.

Претходната пракса беше сите натпревари од нокаут фазата да се играат во 21 часот, но со промена на форматот за оваа сезона, УЕФА одлучи да ги раздвои натпреварите од плеј-офот за влез во осминафиналето и осминафиналето во термини во 18:45 и 21:00 часот, што ги израдува љубителите на фудбалот.

Сепак, од четвртфиналето наваму сите натпревари ќе се играат од 21 часот.

Првите четвртфинални натпревари се закажани за 8 април од 21 часот кога ќе се сретнат Арсенал и Реал Мадрид и Баерн и Интер. Ден подоцна во исто време ќе се соочат Барселона и Борусија Дортмунд и ПСЖ и Астон Вила.

Тоа значи дека сите оние кои сакаат да уживаат во фудбалот и во живо да ги следат сите четвртфинални натпревари ќе треба да се одлучат само за еден натпревар, да купат друг телевизор или да гледаат друг натпревар на својот мобилен телефон или лаптоп.

Реваншот од четвртфиналето е закажан за 15 и 16 април.