„Ќе имаме над 1.200 градилишта, имаме 828 потпишани проекти во сите општини во државата“

На седницата за пратенички прашања во Собранието, пратеничката Драгана Бојковска му постави прашање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски за капиталните инвестиции кои се однесуваат на општините од вториот повик од унгарскиот кредит, кои се проектите, какви се проектите и каков бенефит за граѓаните тие ќе носат.

„Ова за прв пат се случува во Македонија, ваков тип на инвестиција која што од Владата директно ќе биде наменета за општините. Во минатото сме сведоци на многу проекти од Владата кои што биле со одреден фокус и имале поинаква оптика и ова е сосема различен пристап. Јас сум многу задоволен бидејќи нема поубаво чувство кога ќе се организира настан и ќе се соберат градоначалниците од сите општини, од сите политички партии кои што имаат свои градоначалник, но и независни и кои што во мое присуство ќе потпишат договори за реализација на ваков тип на проекти. Овој проект преставува модел како треба државата да функционира, кога имаме заеднички интерес. Во случајот тој заеднички интерес се проектите во општините. И сите тие без да постои било каква замерка, дојдоа и потпишаа договори во една апсолутна хармонија, и тоа е примерот како треба да функционира. Од една страна е добро за граѓаните, кои не се тие кои треба да ја платат сметката поради политичките разлики кои ги имаат политичарите“, истакна премиерот Мицкоски.