Новата министерка за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска најавува кратења и преиспитувања на ставки со првиот ребаланс на буџетот на новата влада.
Министерката вели дека се уште не е направен ребалансот прецизно, утре ќе биде пуштен буџетскиот циркулар за кој ќе има само два дена да се изјаснат сите за потребите. Според неа, приоритет ќе биде се она што е законска обврска како што платите според потпишаниот договор за што не беа обезбедени средства, а ќе има корекции и на пензиите.
– Ќе има и кратења. Мене ме чуди зошто воопшто уште има ставка за Ковид. А некои ставки ќе се преиспитаат, вели министерката Димитриеска-Кочовска. – Ние имаме ситуација со години да се зголемува буџетот, а ние не сме добиле ништо од тоа. На пример од Секретаријатот за европски прашања на преговори во Брисел оделе 30 луѓе. Зошто? Можело да одат двајца. Оттука има простор за кратење на непотребни трошоци и пренасочување на тие средства за проекти кои се функционални. Имало лошо управување со средствата и многу „затворени“ средства кои стоеле и не се користеле за реализација на каптални расходи, вели министерката во гостување на Телевизија 24.