Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во наредниот период ќе бидат отворени многу случаи поврзани со злоупотреби при доделувањето земјоделско земјиште. Мицкоски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање во врска со засилените контроли на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за распределбата на земјоделското земјиште и додаде дека станува збор за една од стратегиски определби на Владата.
„Тоа е една од стратешките определби на оваа влада и јас мислам дека во периодот што следува ќе има многу случаи за злоупотреба во врска со тоа како се доделувало тоа земјоделско земјиште. И отсега натаму тоа земјиште треба да оди онаму каде што е навистина е потребно, а тоа е кај на земјоделците, а не на оние што земјоделството им е секундарна, терцијална или можеби и друг тип работа и приоритет“, рече Мицкоски
Инаку, минатата недела Управата за финансиска полиција соопшти дека до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против против три службени лица во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), од кои едното е поранешен функционер. Тие се осомничени дека не постапиле согласно своите овластувања и надлежности во врска со постапката за раскинување договор и одземање државно земјоделско земјиште од фирмата „ДЗС Илинден“ АД Скопје.
На 10 септември актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, на прес-конференција изнесе обвинувања кон ексминистерот Љупчо Николовски дека додека бил на чело ова министерство овозможил две фирми незаконски да добијат државни субвенции од илјадници евра. Една од фирмите што тој ги спомена беше „ДЗС Илинден“ АД Скопје, во врска со која е поднесена кривичната пријава, објави 360stepeni.mk