Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека доколку Доналд Трамп ја повлече американската поддршка за Украина, Европа сама нема да може да ја пополни празнината.
– Има гласини дека Европа би можела да понуди безбедносни гаранции без Американците, а јас секогаш велам не. Безбедносните гаранции без Америка не се вистински безбедносни гаранции, рече украинскиот претседател.
Трамп изјави дека сака да стави крај на војната во Украина, но скептиците се загрижени дека договорот постигнат со посредство на САД може да значи дека Украина ќе биде принудена да се согласи со максималистичките барања на Владимир Путин.
Зеленски рече дека е подготвен за преговори, но сака Украина да преговара од „позиција на сила“, додавајќи дека на американските компании ќе им понуди профитабилни договори за реконструкција и инвестициски стимулации за да се обидат да го придобијат Трамп.
– Оние кои ни помагаат да ја зачуваме Украина ќе имаат можност да ја обноват, заедно со украинските компании. Подготвени сме детално да разговараме за сите овие работи – изјави тој.
Зеленски оваа недела ќе отпатува на Минхенската безбедносна конференција, каде се очекува да се сретне со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, кој е еден од најкритичните кон Украина во блискиот круг на Трамп.
На минатогодишната конференција, Венс, тогашен сенатор, одби да се сретне со Зеленски, а претходно изјави дека „не му е грижа што се случило со Украина, на еден или на друг начин“.
Зеленски планира да се сретне и со други членови на тимот на Трамп, како и со влијателни сенатори во Минхен, но тој сè уште „нема одреден датум“ за средбата со Трамп, рече тој, иако неговиот тим работи на закажување.
Трамп минатиот викенд рече дека најверојатно ќе се сретне со Зеленски оваа недела, а можно е украинскиот претседател да отпатува за Вашингтон од Минхен.
– Се надеваме дека нашите тимови ќе договорат датум и распоред за средби во САД. „Штом ќе се постигне договор, ние сме подготвени, јас сум подготвен, рече Зеленски.
Трамп рече дека Америка потрошила стотици милијарди долари за Украина во последните години.
„Можеби ќе склучат договор, можеби нема да направат, можеби еден ден ќе биде Русија, можеби следниот ден нема, но ќе ги ставиме сите овие пари и јас реков дека сакам да ги вратам”, рече Трамп.
Затоа, покрај веќе добро познатите пораки на Зеленски за геополитичките и моралните ризици од дозволувањето на Русија да надвладее, сега е додадена и нова порака, по мерка на американскиот претседател. Клучната идеја е дека САД ќе добијат приоритетен пристап до украинските „ретки метали“, што го разбуди интересот на Трамп, а тој неколкупати ја споменуваше оваа тема во последните медиумски настапи.
Зеленски рече дека ја покренал идејата со Трамп уште во септември, кога се сретнале во Њујорк, и дека планира да претстави „подетален план“ за можностите за американските компании во повоената реконструкција на Украина и експлоатација на природните ресурси на Украина.
Украина ги има најголемите резерви на ураниум и титаниум во Европа, рече Зеленски, нагласувајќи дека „не е во интерес на САД“ овие резерви да паднат во рацете на Русија и потенцијално да бидат споделени со Северна Кореја, Кина или Иран.
– Не зборуваме само за безбедност, туку и за пари… Вредни природни ресурси кои можеме да им ги понудиме на нашите партнери и можности за инвестирање кои претходно не постоеја… За нас тоа значи нови работни места, а за американските компании профит – рече тој.
Клучната улога на американската воена помош
Зеленски истакна дека континуираната воена помош на САД е клучна за безбедноста на Украина, наведувајќи го примерот на американските системи за противвоздушна одбрана Патриот.
– Само Патриот може да нè заштити од сите видови ракети. Во Европа има и други системи, но тие не можат да обезбедат целосна заштита. И од овој мал пример, јасно е дека без Америка безбедносните гаранции не можат да бидат целосни – рече тој.
Првите недели од владеењето на Трамп веќе донесоа многу загриженост кај Украинците. Глобалното суспендирање на проектите на USAid, кое запре стотици организации кои работат во Украина во различни области, од помагање на воените ветерани до училишта и засолништа, предизвика немири. Трамп, исто така, призна дека веќе разговарал со Путин по телефон во обид да започне преговори. На прашањето колку пати, тој одговори: „Попрво да не кажам“.
Тој не сака да го критикува Трамп
Зеленски рече дека е многу важно американскиот претседател прво да се сретне со украинската делегација пред средбата со Путин, но тој не сака да го критикува Трамп за неговите нејасни изјави.
– Тој очигледно не сака сите да ги знаат деталите, а тоа е негова лична одлука – рече тој.
Ако Трамп успее да ги доведе Украина и Русија на преговарачка маса, Зеленски рече дека планира да и понуди на Русија едноставна размена на територии, откажувајќи се од земјиштето што Киев го држеше во руската област Курск од почетокот на ненадејната офанзива пред шест месеци.
„Ќе размениме една територија за друга“, рече тој, но додаде дека не знае кој дел од окупираната територија Украина ќе побара за возврат.
– Не знам, ќе видиме. Но, сите наши територии се важни, нема приоритет.
Конечната оценка за се, како што рече, ќе се знае дури со време:
– Историјата покажува дека има многу работи што не ги знаете – што се случувало зад сцената, какви преговори се воделе… Тешко е да се оцени сето тоа денес, бидејќи не знаеме се. Ќе знаеме подоцна, ќе знаеме сè.