Ќе се открие ли вистината за исчезнатиот Самоил – Дрогата ќе ја платите со пари или крв!

Пресудата за двајцата обвинети за грабнувањето на младиот Самоил Костадиновски и по повеќе од една година не донесе одговори што се случи со младото момче, за кого не се знае дали е жив или мртов. Додека него го нема, секој има различна верзија што се случило. Обвинителството пред судот излезе со официјалната верзија дека Самоил бил грабнат во близина на хотелот „Најс“ во Припор, за да биде присилен да плати за 4 килограми хероин земен од Хрватска. Главниот осомничен за грабнувањето е во бегство, а има и неколку непознати лица. Осудените тврдат дека се невини, а едниот од нив дека му бил другар на Самоил. Таткото, пак, се сомнева дека е грабнат за пари, па дури и дека е убиен и фрлен.

Родителите и блиските на дваесет и шестгодишниот Самоил Костадиновски од Скопје, кој исчезна пред една година, на 3 март 2023 година, кој е внук од брат на сопругата на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, по повеќе од една година не знаат што се случило со него.

Неговиот брат, на 4 март пријавил во полиција дека брат му е исчезнат, дека не се вратил дома и дека телефонот му е исклучен. Иако исчезнатите лица ги бараа и полицијата, и семејствата, полицијата во случајот на Самоил никогаш не соопшти дека го барала на одредена локација.

Самоил повеќе од една година не е ниту меѓу живите, ниту меѓу мртвите, а според неофицијални сознанија на „Фокус“, пред грабнувањето кажувал дека бил нервозен и во хаос. Дека дал многу пари, но се надева дека ќе се среди.

Неодамна беше изречена пресуда за неговото грабнување, но јавноста повторно не доби одговор што се случило со него. Осудени се две лица на релативно ниски казни, но случајот е далеку од решен, со оглед на тоа што главниот осомничен за грабнувањето, Александар Трпковски- Амфас, е во бегство, а има уште и неколку непознати лица што учествувале во овој чин.

Постапката против Амфас е запрена додека по него се трага со меѓународна потерница. Обвинителот што го води овој случај, Дејан Петрески не открива детали за тоа дали има нови моменти во потрагата по Самоил, бидејќи сѐ уште се работи и уверува дека кога ќе може, секој напредок во истрагата ќе биде соопштен јавно.

Со оваа пресуда, дел од работите поврзани со овој случај станаа официјални, откако влегоа во обвинителниот акт, а судијката ги прогласи за виновни дваесет и седумгодишниот Виктор Миланоски и триесет и едногодишниот Саша Челикиќ, и двајцата од Скопје.

Јасно е дека младиот Самоил, заедно со други лица, учествувал во зделка за дрога. Се работи за 4 килограми хероин, кој бил земен, но не бил платен.

Притоа, Стефан Спасовски посредувал во купувањето на хероинот во Хрватска, а Самоил требало да ја плати дрогата вредна речиси 70 илјади евра на средба во хотелот „Русија“.

Во обвинителниот акт до кој дојде „Фокус“ не пишува кога и како била земена дрогата и кога се случила средбата во хотелот. Но, од она што е опишано во обвинителниот акт за двајцата осудени, може да се заклучи дека Самоил бил грабнат за да го присилат да ја плати дрогата.

Па така, на 3 март минатата година, Миланоски и Трпковски, заедно со други лица со непознат идентитет, го грабнале Самоил во близина на хотелот „Најс“ во скопската населба Припор. Го грабнале и му се заканиле дека ќе го убијат, а целта им била него, неговиот брат Мартин Костадиновски и Стефан Спасовски (веќе споменат како посредник) да ги натераат да го платат хероинот.

Хероинот, според обвинението, требало да биде платен на средба во хотелот „Русија“ на која бил Самоил, извесен Никола Шојлев, кој се јавува како сведок во постапката и Стефан Спасовски. Самоил, всушност, требало да ја плати дрогата преку Спасовски, но не ја платил и не ги предал парите.

Возилото „волво“, црвен караван, со кое бил грабнат Самоил, го обезбедил обвинетиот Саша Челикиќ. Тој, еден ден пред грабнувањето, го побарал возилото на услуга од Крсто Додев и му го однел на Миланоски следниот ден околу 8.30 часот наутро.

Тогаш, всушност, почнала патеката на исчезнувањето на Самоил по која му се губи секаква трага. Миланоски го оставил Челикиќ во близина на Министерството за економија, а додека возел со Самоил, се договориле сами да се најдат кај хотелот „Најс“ околу 9.30 часот.

Но, наместо сам, Миланоски таму дошол со Трпковски (моментално е во бегство), кој го управувал „волвото“. Трпковски кај напуштениот хотел излегол од возилото, и по кратка средба со Самоил, заедно влегле во црвениот караван.

Трпковски го управувал возилото, а Самоил седел на задното седиште. Се упатиле во правец кон населбата Сопиште, преку местото Теферич, место кое не е многу населено. Оттаму продолжиле кон населбата Кисела Вода, потоа кон Пржино и Водно.

– Од таму се упатиле кон Водно и Козле, што се гледа од видеоснимките од безбедносни камери по што на Самоил му се губи секаква трага – рече обвинителот Петрески во завршните зборови.

Значи, Самоил бил последно регистриран на безбедносните камери некаде на Водно, а потоа бил однесен на непознато место, спротивно на неговата волја.

„Фокус“ го праша обвинителот Петрески каде последно бил лоциран телефонот на Самоил преку базните станици, што воопшто не е споменато во обвинението, но Петрески не сакаше да каже. Тој напомена дека, иако ова не е споменато во обвинението, сепак тоа е дел од постапката, која сѐ уште се води.

Неколку дена по грабнувањето, односно на 7 март околу 11 часот, братот на Самоил, Мартин Костадиновски, на неговиот телефонски број преку Ватсап, од број што припаѓа на северот на Гугл, добил порака со содржина:

„Стоката што ја украдовте, ќе ја платите или со пари, или со крв, сите вие што сте биле во дослух, во договор, ние долгови не простуваме“. Пораката била напишана на хрватски јазик.

Братот на Самоил, пак, им пишал: „Дај ми доказ за Самоил дека е жив“. Сепак, не добил одговор.

ПОРАКИ ОД ХРВАТСКА

Освен братот на Самоил, иста порака во исто време примил и Стефан Спасовски, кој посредувал во купувањето на хероинот во Хрватска. Една минута подоцна му стигнала и нова порака, која гласи: „Ќе добиете инструкции наскоро“.

Три дена подоцна, односно на 10 март минатата година, на Спасовски му стигнала нова порака: „Имате рок од 48 часа да извршите уплата од 4 биткоини на следната адреса. Откако ќе извршите уплата и ќе видиме дека сте платиле, ќе ја добиете адресата, точното место и локацијата на која се наоѓа вашиот човек… Нема место за преговори“.

Потоа следувала адреса специјално креирана од лица со непознат идентитет за вршење уплата на бараните биткоини во парична вредност од околу 68 илјади долари на денот на прием на пораката.

Црвениот караван, автомобилот во кој Самоил бил последно виден, а бил кај Миланоски, веднаш по неговото апсење било запалено кај местото „Три круши“ во Драчево.

Сопственикот на возилото, кој требало да го добие следниот ден, односно да му го вратат дента кога беше грабнат Самоил, го барал возилото назад. Но, Челикиќ му кажал дека автомобилот отишол „јабана“. Ова е верзијата што обвинителот Петрески тврди дека ја има докажано, која судот ја прифати и ги осуди Миланоски и Челикиќ.

Миланоски е осуден за грабнување на пет години и десет месеци затвор, додека Челикиќ на две години и два месеца затвор за помагање при грабнување. Казните се релативно ниски, со оглед на тоа што за кривичното дело грабнување предвидена е затворска казна од најмалку четири години. Обвинителот првично е задоволен од пресудата.

– Во овој момент можам да кажам дека има одредено задоволство затоа што по 1.855 минути, тоа е некаде 30-тина часа на одржаните 11 рочишта на кои обвинителството ги презентираше и изведуваше многубројните материјални и вербални докази со кои на крајот, надвор од секое разумно сомневање докажа дека обвинетите го сториле кривичното дело – рече обвинителот Петрески по изрекувањето на пресудата.

Но, во завршните зборови, двајцата обвинети имаа друга верзија. Миланоски тврдеше дека откако Самоил се качил во автомобилот „волво“ по неколку улици се симнал.

– Самоил беше мој другар и пријател, се дружевме, сум бил кај него дома. Такви другари можам да избројам на една рака. Ситуацијата ме погоди многу, пред сѐ, тоа што се води како исчезнат и лошиот однос на неговото семејство кон мене и моите блиски и обидот на татко му да ме претстави како најголем криминалец, а и тој самиот има лежено затвор 12 години во Германија за продажба на хероин.

Се молам секој ден да се појави Самоил, сакам да ви кажам дека сум многу свесен дека целата ситуација, дека целта е под политички притисок да бидам осуден јас, односно да се заврши предметот – рече Миланоски.

„ДАЛИ МОЖЕБИ СЕ КРИЕ“

Неколку дена пред пресудата, пак, сестрата на Миланоски, Моника Стојановска испрати писмо до медиумите во кое тврди дека нејзиниот брат бил другар со Самоил, додека Челикиќ не го ни познавал.

„Тврдиме дека ова е хајка против обвинетите и дека судството и обвинителството имаат огромен политички притисок за тие да бидат осудени по секоја цена. Велат дека молчењето е злато, но можно ли е да се остане нем и глув на сите клевети?

Обвинети се на база на приказни смислени од локални мафии без никакви докази. Тврдиме дека едноставно првообвинетиот Виктор Милановски се нашол во погрешно време и на погрешно место. Тој е последниот со кој Самоил бил виден пред да исчезне. Ако воопшто е исчезнат?!

Отворено е и прашањето дали можеби се крие некаде поради нерасчистени долгови за наркотични средства?!“, пишува таа во писмото.