Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи, Жозеп Борел, изјави во четвртокот дека новата рунда на дијалог на високо ниво меѓу Србија и Косово ќе се одржи на 14. септември.
Жозеп Борел ова го соопшти за време на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Шпанија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти последен пат беа во Брисел на крајот на јуни, кога само одделно се сретнаа со Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи тогаш објави дека тој и двајцата лидери се договориле локалните избори да се повторат на северот на Косово.
Ситуацијата во северно Косово се влоши по локалните избори во април во четири општини со мнозинско српско население во кои за градоначалници беа избрани етничките Албанци.
Најлошиот инцидент се случи во Звечан на крајот на мај кога 30 припадници на КФОР беа повредени во судирите меѓу Србите и косовската полиција. По јунските преговори во Брисел, сепак, тензиите донекаде се смирија.
По денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Шпанија, Жозеп Борел го поздрави предлогот на шпанското претседателство со Советот на ЕУ да биде домаќин на министерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан во октомври.