Инспекторатот на Општина Карпош започна проширена контрола на угостителските објекти во регионот. Сопствениците на локали коишто се ангажирани во подготовка и послужување храна и пијалоци, како и кафе барови, се повикани да бидат подготвени да ги покажат сите потребни документи при инспекциската проверка.
Контролите ќе се одвиваат во повеќе од 100 локали во Карпош, а инспекторите ќе проверуваат документи како: одобрение за вршење на дејност, елаборат за поставување урбана опрема, елаборат за заштита на животната средина, имотен лист за деловниот објект, елаборат за заштита од пожари, и лична карта на одговорното лице. Документите треба да бидат подготвени и достапни за инспекциската постапка во фотокопија.
За сите утврдени неправилности, инспекторите ќе издадат Решение за отстранување на недостатоците во рок од 8 дена, како и прекршочен платен налог. Последната слична контрола беше спроведена во 2024 година.