Голманите веројатно не можат да им веруваат на своите уши бидејќи предлогот е штетен за нив, но голманската легенда Џанлуиџи Буфон тврди дека треба сериозно да се размисли за зголемување на димензиите на голот.
Стандардизираната големина на фудбалскиот гол е иста во претходните 150 години, од 1875 година и е 7,32 метри во должина и 2,44 метри во висина. Сепак, според Џанлуиџи Буфон, време е да се зголемат овие димензии, поради се повисоките голмани.
„Неодамна разговарав за тоа со моето семејство и мојата сопруга. Кога почнав во 1998 година, бев меѓу првите пет највисоки играчи во Серија А. Минатата сезона, играјќи за Парма во Серија Б, сè уште бев меѓу првите пет највисоки играчи, но со 22 години поминати на теренот. Големината на целта беше дефинирана во 1875 година и веројатно била прилагодена на антропометриските вредности од тоа време. Можеби тогаш тоа било во ред, но, денес е нешто за што треба да размислиме. Дури и во одбојката се зборува за висината на мрежата“, изјави 192 сантиметри високиот Џанлуиџи Буфон кој Меѓународниот институт за фудбалска историја и статистика го прогласи за најдобар голман на 21 век.
Поранешниот голман на Парма, Јувентус и ПСЖ дополнително го објасни својот став, кој никако не е корисен за голманите.
„Можете да го видите ефектот на висината на голманот при ударите од далечина. Пред 30 години имаше десет удари на секои педесет истрели. Денеска тој сооднос падна на три гола на 50 удари и е многу низок. Да се постигне гол од далечина против два метра висок голман е многу поголем предизвик“, изјави десеткратниот освојувач на Серија А, освојувач на Купот на УЕФА и светски шампион со репрезентацијата, кој летово се пензионираше на 45-годишна возраст.