Договорот на најдобриот голман на светот, Џанлуиџи Донарума со ПСЖ истекува за 11 месеци, а тој веројатно ќе ја продолжи кариерата во Манчестер Сити, тврди францускиот весник „Л’Екип“.
Имено, 26-годишниот италијански голман наводно веќе се договорил за условите на договорот со „Граѓаните“, вклучувајќи ја и годишната плата.
Челниците на ПСЖ бараат обештетување од 50 милиони евра и сè што останува е клубовите да се договорат за точната сума.
Донарума пристигна во најбогатиот клуб во светот пред четири години од Милан, како слободен агент без обештетување.
Оттогаш, тој се покажа како сигурен голман, па сите беа изненадени од одлуката на челниците на ПСЖ да се откажат од италијанскиот репрезентативец.
ПСЖ веќе го пронајде наследникот на Донарума, Лукас Шевалие, за кого ќе му исплатат на Лил 55 милиони евра отштета, вклучувајќи ги и бонусите.
За потсетување, ПСЖ официјално го објави списокот на играчи за финалето на Европскиот Суперкуп против Тотенхем и со тоа потврди дека Донарума не е вклучен во тимот.