– Убеден сум дека одбележувањето на овој јубилеј е само првиот од многуте кои што ќе ги одбележуваме во следниве години на плодна соработка преку размена на искуства и мислења за постигнувањето на нашата основна цел, а тоа е поблиската соработка во Југоисточна Европа и нашата крајна цел, конечната интеграција на регионот во Европската унија и перспективите за тоа, потенцирал претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери во обраќањето на 10. пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што се одржува во Будва, Црна Гора, на тема „10 години ПС на ПСЈИЕ. Подобра интеграција и поизвесна ЕУ перспектива на регионот на ПСЈИЕ во наредната деценија. Заедно во ПСЈИЕ – Заедно во ЕУ.”
Џафери упатил до присутните колеги, кои се истовремено и членки на Европската унија, да бидат главните промотори на процесот на проширување и интеграција на целиот регион на ПСЈИЕ со подобрување на процесот на пристапување, за истиот да стане поефективен, предвидлив, веродостоен и опиплив. Затоа што, како што истакнал, како последица на предолгото чекање пред вратите на ЕУ се нарушува и кредибилноста на ЕУ, меѓутоа спласнува и поддршката за интегрирање во ЕУ кај граѓаните.
– Република Северна Македонија го презема претседавањето со Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа од јули 2023 година до јуни 2024 година. За нас, ова претставува огромна чест, обврска и предизвик. Ова е и одлична можност за Република Северна Македонија да се фокусираме на нашите зацртани приоритети како земја, а кои секако, не се надвор од Стратегијата ЈИЕ 2030. Значи, фокусот ќе биде на силната имплементација на Стратегијата како сеопфатен план во кој што сите приоритети и активности се усогласени со политиката на ЈИЕ и зајакнувањето на регионалната соработка, рекол Џафери, соопштија од собраниската прес-служба.
Регионалниот совет за соработка, најавил, ќе продолжи да ја има целосната поддршка во неговата клучна улога на соговорник и олеснувач помеѓу структурите на управување за имплементацијата на Стратегијата и подинамичната имплементација и на целите за одржлив развој на Агендата 2030.
– Нашите приоритети ќе бидат во насока на зајакнување на демократијата, основните права и вредности, владеењето на правото, безбедноста и стабилноста и меѓународниот поредок заснован на правила. Имаме одговорност да ги одбраниме тие заеднички вредности и меѓународниот поредок заснован на правила, затоа што нашите граѓани заслужуваат да уживаат функционални демократии. Силниот, обединет глас е најсилниот глас. Незаконската, непровоцирана руска агресија врз Украина, покрај засекогаш изгубените човечки животи, има сериозни ефекти и врз економиите на Европа и земјите на ЈИЕ. Ние мораме заедно да се справиме со меѓусебно поврзаните предизвици за намалување и ублажување на негативното влијание по економијата, енергијата и безбедноста на храната. Мораме да истражиме мерки за намалување на зависноста за овие есенцијални потреби. Затоа, инвестирањето во енергетската инфраструктура, во проекти за обновлива енергија кои ќе обезбедат чиста енергија, одржлив, зелен, дигитален и фокусиран раст за граѓаните ќе биде придобивка за регионот на Југоисточна Европа, потенцирал претседателот на Собранието.
Хибридните закани и активностите за манипулација со информациите, вклучително и дезинформациите, истакнал Џафери, се сериозни закани кои го пробиваат институционалниот кредибилитет и довербата на јавноста во демократските институции. Борбата за оневозможување на овие закани од самиот зачеток, мора да биде во заедничкиот фокус на сите општествени чинители во сите земји членки на ПСЈИЕ. Тоа е најдобриот начин за градење, заштита и зајакнување на демократијата.
– Ќе се фокусираме и на регионалната соработка и развојот на заедничкиот регионален пазар на економиите на земјите на Западен Балкан и на Југоисточна Европа, во согласност со правилата и стандардите на Европската унија, за да бидеме уште поблиску до единствениот пазар на ЕУ. Регионалната соработка преку дијалог, претставува и најдобар начин за справување на прашањата од минатото и гледање напред кон заедничката безбедна иднина. Во тој контекст, го подржуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина кој покрај за нив, е од суштинско значење и за стабилноста на целиот регион. А стабилен регион значи атрактивност за инвестиции и безбедност на истите. Се разбира, фокусот треба да биде на инфраструктурата и нашето поврзување, со што ќе се олесни регионалната трговија, ќе се обезбеди одржлив економски раст кој што следствено ќе влијае на подобрувањето на секојдневниот живот на нашите граѓани. Укинувањето на визниот режим за граѓаните на Република Косово во јануари 2024 година е особено позитивна одлука на Европскиот Парламент со која целиот регион на ПСЈИЕ ќе има слична рамка за Шенген зоната, рекол претседателот на Собранието, Џафери.
Високо меѓу клучните области на нашите активности, посочил тој, стои во соопштението од собраниската прес-служба, е секако заштитата на животната околина и справувањето со предизвиците и влијанијата врз неа поради несовесното, прекумерното и неправилно искористување на постојните ресурси.
– Земјата што ја знаеме се менува поради нашата неодговорност и затоа ќе поддржуваме активности за изнаоѓање на нови, обновливи енергетски извори за продолжување на природниот животен циклус на нашата планета. Ако ние се грижиме за неа, таа ќе знае да ни возврати двојно. Од исклучителна важност е инвестирањето во човечкиот капитал кој што е носител на напредокот на земјите и регионот. Квалитетното образование, иновациите, истражувањето, здравството, културата, спортот се неопходни за подобрата перспектива на нашите млади кои се крвотокот на секое општество. Ние мораме да обезбедиме простор за нивен раст и развој. Една од клучните области е и дигиталната трансформација која покрај развојот на дигиталните вештини, со паралелната дигитализација на сите чинители ќе овозможи поголема транспарентност, одговорност, пониски трошоци. Морам да истакнам дека Собранието на Република Северна Македонија е лидер во регионот со воспоставениот е-Парламент кој што придонесува во голема мера во транспарентноста на нашиот законодавен дом. Покрај тоа, младите во Западен Балкан се исклучително успешни во дигиталните вештини кои придонесуваат во нивно подобро етаблирање и поголема конкурентност на пазарот на трудот, посочил во обраќањето Џафери.
Тој се заблагодарил на домаќините на досегашното, црногорско претседателство, на сиот вложен труд и за успешното организирање на оваа јубилејна, 10. Пленарна сесија, со верба, потенцирал, дека заеднички и консензуално ќе ја усвоиме и Декларацијата.
– Парламентарното собрание на Просецот за соработка во Југоисточна Европа ќе продолжи и понатака да биде автентичниот глас на регионот и форумот на кој ќе се одвива политичкиот и дипломатскиот дијалог помеѓу земјите членки на ова Собрание. А, Република Северна Македонија, ќе биде повеќе од среќна да биде Ваш домаќин на следното претседавање, подвлекол во обраќањето претседателот на Собранието, Талат Џафери.