Собранието на Република Северна Македонија е подготвено во секој момент да ја започне процедурата за уставни измени, изјави денеска на прес-конференција претседателот на Собранието Талат Џафери. Од моментот на нивното доставување до Собранието од страна на предлагачот до моментот на утврдување потреба од измена на Уставот, потребни се 30 дена. Засега, како што вели, нема најава кога уставните измени можат да влезат во собраниска процедура.
„Собранието е подготвено во секој момент кога ќе постапат надлежните институции, односно овластените предлагачи, ние сме подготвени да постапиме според процедурите и роковите предвидени во Правилникот“, рече Џафери.
За дилемата дека тешко ќе стигнат до август, Џафери рече дека не е проблематично дали ќе стигнат до август или кога сакаат да стигнат, прашање е кога ќе го добијат материјалот.
„Не зависи дали ќе биде јули или август, септември. Роковите почнуваат кога ќе пристигнат материјалите“, потенцира Џафери. Тој го објасни и времетраењето на првите фази од промените.
„Во првата фаза од приемот до седницата мора да поминат 30 дена. А во самата седница расправата трае 10 дена“, појасни Џафери.