Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, кој престојува во официјална посета на Република Словенија, денеска оствари средба со неговата колешка, претседателката на словачкиот Државен збор, Уршка Клакочар Зупанчич, информираат од Собранието.
На средбата присуствуваа и пратениците Александар Велјановски, претседател на пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Словенија и членовите Бети Рабаџиевска – Наумовска и Берат Ајдари, кои се дел од собраниската делегација и амбасадорката на Република Северна Македонија во Република Словенија, Сузана Зеленковска.
-Соговорниците ги потврдија блиските пријателски односи и плодната повеќедецениска соработка меѓу двата парламента на сите основи, велат од Собранието.
Од законодавниот дом известуваат дека претседателот Џафери изразил неизмерна благодарност за безрезервната и проактивна поддршка на Република Словенија за остварувањето на нашите највисоки државни приоритети, членството во НАТО и зачленувањето во Европската унија.
-Тој информираше за тековните активности на домашен план, особено процесот на скрининг и за начинот и постапката за донесувањето на уставните измени. На меѓународен план, беа издвоени државните приоритети за помош на Украина, претседателствувањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ и Процесот за соработка со Југоисточна Европа оваа година и нашиот планиран придонес за унапредување и промовирање на нивните цели, принципи и вредности, соопштуваат од Парламентот.
Претседателката Зупанчич повикала на интензивирање на меѓусебната соработка меѓу двата парламента и меѓу двете држави, особено во времиња кога светот се справува со кризи од глобални размери во изминатите години, наведувајќи ги пандемската, воената, енергетската и економската криза како прашања за неопходно заедничко делување.
-Истовремено, таа искажа целосна поддршка на евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија и продолжување на заложбите на Република Словенија, процесот на преговори да се води исклучиво на реформска основа, на усогласување на домашното законодавство со европското законодавство и маргинализирање на билатералните и историските прашања во овој процес. Во таа насока, ги поздрави напорите за продолжување со неопходните чекори во Собранието на Република Северна Македонија за отворање на кластерите и поглавјата во текот на преговорите, истакнуваат од Парламентот.
Двајцата соговорници се согласиле соработката да продолжи на сите полиња од заемен интерес, на ниво на претседатели на билатерален план, но и во рамките на меѓународните парламентарни собранија и иницијативи, на ниво на пратенички групи и за соработка и пријателство и на ниво на парламентарни комисии, со фокус на словенечките искуства во процесот на пристапување за членство во Европската унија