Парламентарните избори во редовна постапка мора да бидат во последните 90 дена од мандатот на тековниот состав, а вториот круг на претседателските изброи најдоцна може да биде на 5 мај. Ако сакаме редовни претседателски и парламентарни избори, тие се сретнуваат на 5 мај. Сѐ надвор од 5 мај се предвремени избори и треба да се распушти Собранието, изјави вечерва претседателот на Собранието, Талат Џафери. Премиерот Димитар Ковачевски пак, денеска од Гаранада, Шпанија порача дека „прашањето околу изборите е веќе апсолвирано, тие ќе бидат во својот редовен термин“. Тој не ја исклучи можноста од одржување на лидерка средба со сите парламентарни партии, нешто што вчера од него го побара лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според Џафери, во однос на претседателските избори, нема дилема дека тие мора да бидат редовни, а за да бидат редовни мора да бидат во последните 60 дена од мандатот на актуелниот претседател на државата. Мандатот, како што рече, завршува на 12 мај.
„Реперот е 12 мај, кога истекуваат 60 дена од мандатот. Вториот круг на претседателските изброи најдоцна може да биде на 5 мај“, рече Џафери во интервју на Телма.
Џафери рече дека парламентарните избори во редовна постапка мора да бидат во последните 90 дена од мандатот на тековниот состав.
„Прв ден најрано за изборите е 5 мај. Ако сакаме редовни претседателски и парламентарни избори, тие се сретнуваат на 5 мај. Сѐ надвор од 5 мај се предвремени избори и Собранието треба да се распушти“, рече Џафери.
Што се однесува до изборите премиерот Димитар Ковачевски денеска од Гаранада, Шпанија порача дека „прашањето околу изборите е веќе апсолвирано, тие ќе бидат во својот редовен термин“.
Тој посочи дека е можно повторно да има лидерска средба на која ќе учествуваат сите лидери на партиите, со оглед на тоа што одлуките за свикување на избори се носат со консенсуз, но останува на ставот дека сега има поважен процес во државата од изборите, а тоа е носење на одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата.
„Ние можеме уште во понеделник да закажеме седница на Собранието на која ќе бидат изгласани уставните амандмани и истиот ден да се закажат предвремени парламентарни избори. Исто така, на маса е и друг предлог, а тоа е да се почне процесот на уставните измени. ВМРО ДПМНЕ да биде дел од Владата како што бараа, и притоа да биде завршен скринингот, да се отворат поглавјата од првиот кластер, да затвориме едно или две поглавја и потоа да одиме на претседателски и на парламентарни избори, што секако би претставувало некаков договор во однос на најважното прашање кое го имаме за граѓаните и за државата“, рече Ковачевски на денешната прес-конференција во Гранада, одговорајќи на новинарско прашање за барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за лидерска средба на која би се утврдил датумот за одржување на предвремени парламентарни избори.
Сѐ друго, според премиерот, е разговор на теми кои му значат само на некого што сака без политичка програма да дојде на власт.
Ковачевски уште кажа дека парламентарните избори се дефинирани согласно закон, исто како што се дефинирани и претседателските избори.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ковачевски посочи дека во рамките на Министерството за правда работи работна група за измени на законикот, предводена од поранешен член на ДИК. Како што рече, во таа работна група учествуваат претставници на сите политички партии, освен претставник на ВМРО ДПМНЕ.
„Во таа работна група учествуваат претставници на сите политички партии, освен претставник на ВМРО ДПМНЕ, по нивна волја. Иако, кога се формираше работната група не само што беа повикани, туку и беше понудено претседател на Комисијата да биде предложен од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа тие одбија. Кај нас точно е дефинирано кога ќе се одржат претседателски избори и кога ќе се одржат парламентарни избори во нивните редовни термини“, потенцираше Ковачевски.
Во однос на набљудувачките мисии, Ковачевски рече дека штом ќе се распишат изборите, претседателски или парламентарни, тогаш се испраќа барање до ОСБЕ/ОДИХР да испрати долгорочна мисија која што ќе го набљудува целиот процес на подготовка на изборите. Посочи дека со почетокот на изборната кампања и одржувањето на самите избори, доаѓа набљудувачка теренска мисија која што ги надгледува изборите и нивното одржување и потоа поднесува извештај. Овие постапки се спроведуваат откако ќе бидат распишани изборите.
Коментирајќи го ставот на Мицкоски дека „можеби Фројд влијае на Ковачевски, па тој може да биде фрустриран од ситници“, Ковачевски тврди дека проблемите на нашата држава се многу помалку од психотерапевтска природа, тие се повеќе проблеми од „гастроентерхепатолошка природа“.
„Ја видов изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во кoja тој споменуваше автори од делот на психотерапијата. Сметам дека проблемите на нашата држава се многу помалку од психотерапевтска природа, тие се повеќе проблеми од гастроентерохепатолошка природа, со оглед на блокадите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прави во Собранието и во носењето на одлуките за интеграција на нашите граѓани и на нашата држава во ЕУ“, рече Ковачевски.