Џафери – Лосон: Обединетото Кралство има клучна улога во градењето европска демократија во Северна Македонија

 Претседателот на техничката Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се сретнал со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во земјава, Метју Лосон, соопштија денеска од владината прес – служба.

На средбата, како што стои во соопштението, биле потврдени силните партнерски односи кои Северна Македонија и Велика Британија ги негуваат во рамки на НАТО, како и воспоставените трговски и економски односи кои се на високо ниво меѓу двете земји.

– Премиерот Џафери ја потенцираше важноста што Обединетото Кралство е нашиот втор трговски партнер и е втор по обем странски директен инвеститор во Северна Македонија. Воедно, Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство на Западен Балкан, а британските бизниси во земјава постојано се зголемуваат, што беше повод за создавањето на британско-македонската стопанска комора, се наведува во соопштението.

Амбасадорот Лосон, на Џафери му го честитал изборот за претседател на Владата и истакнал дека овој историски чекор е потврда дека земјата е позитивен модел на мултикултурализам и пример за други земји.  

Премиерот Џафери му се заблагодарил на амбасадорот Лосон за силната посветеност на Обединетото Кралство за евро-атлантските интеграции на Северна Македонија, истакнувајќи ја клучната улога на Велика Британија во градењето на нашата земја како независна европска демократија во последните три децении.

Џафери и Лосон, се додава во соопштението, разговарале и за актуелни теми врзани за внатрешно-политичката состојба во земјата и активностите на Владата во подготовката на претстојните двојни избори.