Џафери: На утрешната владина седница поконкретни решенија за проблемот со пасошите

– Премиерот на техничката Влада Талат Џафери во интервју за МИА најави дека на утрешната владина седница ќе има поконкретни решенија за проблемот со патните исправи. До 12 февруари граѓаните треба да ги заменат патните исправи поради промена на името на државата Република Северна Македонија.  

-Па мислам дека утре ќе се реферира по однос на гледиштата и она што сметаме дека е изводливо би било како одлука конечна како би се спровело, а она што би сметале дека е неспроводливо ќе треба да најдеме алтернатива кое би било решението, рече Џафери без да открие детали.

Со стари патни исправи ќе останат и нашите државјани во странство и не ќе можат да се вратат дома. Џафери потенцира дека државјанин на Република Северна Македонија и без ниеден документ ако дојде до граница за влез во државата – државата е должна да го потврди неговиот статус по однос на државјанството и доколку се потврди државјанството е должна да го пушти без ниеден документ.

-Имајќи предвид дека од надвор не може да се патува без никаков документ, државата има воспоставено мрежа на дипломатско-конзуларни претставништва коишто имаат надлежност и обврска на таквите случаи да им издава соодветен документ за патување во еден правец за да можат народски кажано тие наши граѓани да се докопаат до институциите на државата внатре во државата и овде да се обезбеди итноста на издавањето, рече Џафери.

Посочи дека околу 10 000 граѓани дневно поднесуваат барања за пасоши, лични карти, возачки дозволи, сообраќајни дозволи…

-И јас извадив една статистика дневна фреквенција на барање на ниво на државата. Од прилика 10 илјади луѓе дневно имаат барања по однос на сите документи – лични карти, пасоши, возачки, сообраќајни, на ниво на државата. Затоа не е пречка доколку некаде во едно подрачје е преизразена бројноста на баратели организациски институцијата треба да се постави да води евиденција и ред во смисла граѓаните да не чекаат редови на една точка, а другата точка да е празна цел ден. Да ги упатат граѓаните во соседната точка на апликација односно на поставување и извршување. Па добро, не мора да е најблискиот град. Скопје, на пример, има шест пункта. Ако Кисела Вода е толку наплив, а во Бутел или во Гази Баба која што е соседна или Центар тој што води постапка на пунктот треба да ги упати граѓаните, вели Џафери.