Џафери: Нема посебна процедура за техничката влада, претседателските и парламентарните избори ќе бидат распишани на средината на февруари

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на последниот брифинг со новинарите годинава информира дека нема посебна процедура по однос на формирање на техничката влада. Посочи дека важи вообичаената процедура за избор на нова влада. Тој нагласи дека претседателските и парламентарните избори ќе бидат распишани во ист термин, односно кон средината на февруари. Потенцира дека по празниците ќе се почнат подготовките за техничката влада. 

-Нема посебна процедура по однос на формирање на техничка влада од ваков тип кое што произлезе од Пржинскиот договор. Но во принцип основот е процедурата за избор на влада, која што е пропишана но не мора да е во тие рокови и времетраење. Формално, според Деловникот дебатата трае два дена, мора да се планира свикување, па подготовки, оставки, претходни процедури кои треба да се завршат за да почне седницата соодветно и да трае евентуално до вториот ден. Формално е истата процедура како при избор на нова влада. Се знаат датумите за избори и никој не би влегол во ситуација да го компромитира рокот кој што консензуално е веќе договорен за избори. Првично ќе биде мојата оставка, па седница за избор на нов претседателна Собранието и друга седница за избор на влада. Во исто време ќе бидат распишани парламентарните и претседателските избори, бидејќи се вклопуваат двата термини на миниум 70 дена и максимум 90 дена. На 14  или 15 февруари ќе бидат распишани претседателските и парламентарните избори, рече спикерот.

Џафери информира дека на 27 јануари би почнала дебатата во Собранието за избор на техничката влада за, како што рече, да може да се заврши на 28 јануари.

-Првично ќе биде мојата оставка, па седница за избор на нов претседател на Собранието и друга седница за избор на влада. За избор на влада потребни се 61 глас на пратеници. На самата седница по што се констатира престанок на функција на претседателот на Собранието, на самата седница се надополнува дневниот ред со предлог од 20 пратеници за избор на нов. Кој мисли да влезе во ќор-сокак, може да се случи и да не се обезбеди 61 глас. На кого тоа би му одговарало?, рече Џафери.

Тој потенцира дека владата ќе биде во функција додека се избере новата. -Таа е во оставка, но врши функција додека не се избере новата. Тоа е регулирано со Устав, рече тој.

Спикерот Џафери истакна дека одлуката за тој да биде премиер на техничката влада, која ќе стапи на функција на 28 февруари, е коалициска и уставна, а не, како што рече од претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Џафери нагласи дека и откако ќе бидат распишани изборите Собранието ќе функционира, бидејќи како што рече, во овој случај изборите се во редовен термин и мандатот на Собранието е активен до истекот, односно до верификацијата на новиот состав.

На новинарско прашање доколу ВМРО-ДПМНЕ не учествува во техничката влада и министерските функции да и ги отстапи на албанската опозиција, Џафери рече дека тое не е можно.

Џафери нагласи дека не се гледа себе си како претседател на државата. На новинарско прашање дали ДУИ ќе има посебен кандидат за претседател на државата, Џафери изјави дека тоа зависи до околностите и лидерот Али Ахмети е овластен и ќе одлучи околу тоа прашање. Во однос на тоа дали ќе биде на листа за пратеник по седми пат, Џафери рече дека и тоа зависи од партиските органи. 

Спикерот Џафери нагласи дека како премиер нема да прави „чистка“ на кадрите во Владата.

-Без континуитет не се оди никаде, без оглед колку искуство ќе имате. Тие што таму се врзани за мандат, има одлуки врзани со мандат на премиерот. Веројатни има луѓе кои се со времен распоред, рече тој.

Џафери најави дека од јануари од секоја сала во Собранието ќе има пренос во живо од седниците од комисиите и работните тела.